fbpx

„Позеленување“ на балкански начин – Зелената агенда за Западниот Балкан

-

Како и со другите политики, зависно од интересот, меѓународните обврски и степенот на соработка со одделни региони и држави, Европската унија зелената агенда „ја извезува“ во трети земји. Рамката за „пренос“ на Европската зелената агенда во Западниот Балкан (ЗБ) ЕУ ја постави на регионално ниво – со Коминикето на Комисијата од октомври 2020 година за спроведување на Зелениот договор во ЗБ, како прилог на Економскиот и инвестициски план за регионот. Набргу потоа, државите од регионот ѝ дадоа печат на сопственост на агендата преку Софиската декларација од ноември 2020 година. Конечно, оваа година во Брдо на Крањ, беше поддржан Акцискиот план за Зелената година за ЗБ, кој го подготви Ргионалниот совет за соработка (РСС). Така, две години подоцна од ЕУ, Западниот Балкан има план за „позеленување“.

Автор: Малинка Ристевска – Јорданова

На линија на Софиската декларација како политички документ и соодветно на Европската зелена агенда, Планот содржи активности во пет области:

1. Декарбонизација;
2. Циркуларна економија;
3. Деполуција („одзагадување“);
4. Одржливо земјоделство;
5. Заштита на природата и биодиверзитет.

Покрај активностите во Планот се набележани главните регионални координатори, индикативна временска рамка и коментар. Документот содржи и „патокази за секоја од областите, кои ги идентификуваат предизвиците и „патот напред“. Третиот дел е посветен на управувањето, следењето, известувањето и други механизми за поддршка на Софиската декларација.

Акцискиот план е една многу „поразводнета“ рамка споредено со Европската зелена агенда. Во поглед на клучниот таргет од Европската зелена агенда – ЕУ да стане неутрална во поглед на стакленичките гасови до 2050 година Планот предвидува активност „Усогласување со правото на ЕУ за климата со визија да се постигне климатска неутралност до 2050 година“, со забелешка: „постојано унапредување до 2030 година“. Документот не споменува таргети кои би биле споредливи или аналогни  на оние од Европскиот зелен договор, иако такви има во некои секторски национални планови.

Поставувањето само на „индикативна временска рамка“, како и отсуството на таргети и прецизни индикатори (кои се дадени како листа, без почетни и целни вредности) е еден од клучните недостатоци на Планот, како што забележува и критичкиот осврт на Бенквоч – мрежа на невладини организации од Централна и Источна Европа.

Споредбата пак со инструментите на ЕУ, прикажува уште поголеми разлики. Како пример го наведуваме главниот инструмент на ЕУ за емисиите – системот за тргување на емисии на ЕУ (ЕТС). Во Планот за ЗБ е утврдена активност „усогласувањето со ЕТС или воведување други инструменти за цени на гаглеродот“ за 2024 година за која се забележува дека ќе зависи од одлуката за воведување на систем на цени за јаглерод и дека дискусиите за политиките се во тек. Или, пак, се предвидува транспозиција и целосно извршување на Директивата за енергетски учинок со рок 2023, додека се забележува дека ЕУ сѐ уште го развива концептот за поддршка на програми за реновирање на приватни и јавни згради и за обезбедување соодветно финансирање.

Кога сме кај финансирањето, се предвидува 18% од ИПА III да биде наменето за цели поврзани со климата (да се достигне 20% во 2027 година). Тоа би значело за ЗБ и Турција – 2, 5 милијарди евра за седумгодишен период. Или, ако се смета според најавените грантови од ИПА за Економскиот и инвестицискиот план за ЗБ во износ од 9 милијарди евра – 1, 62 милијарди евра за регионот. Споредено со 600 милијарди евра кои се на располагање на државите членки на ЕУ за истите цели, разликата е огромна: на секој жител на ЕУ за седумгодишниот период по 1342 евра, додека на секој жител од регионот на Западен Балкан – по 90 евра.

Механизмите на имплементација се поставени на регионално ниво. Регионалниот совет за соработка има клучна улога, со неговата работната група за животна средина во која се преставници на националните министерства одговорни за животна средина, како и групата за биодиверзитет. Како механизми на поддршка се идентификувани: Форумот на НВО, „Деновите на зелената агенда на локалните самоуправи“, Платформата за донаторска координација, деловната заедница и младите. РСС ќе треба да ги координира сите овие механизми и да поднесува годишен извештај. Иако многумина Планот за Зелената агенда за Западен Балкан би го нарекле амбициозен, со оглед на ниското ниво на спроведување во оваа област досега во регионот, неговиот досег е многу помал од Европската зелена агенда, што претставува сериозен ризик за натамошно продлбочување на јазот меѓу ЗБ и ЕУ и во овој поглед.

Друг проблем е што ниту Планот, ниту неговата врска со Европската зелена агенда се доволно видливи на национално ниво. Невладиниот сектор се обидува ова да го компензира со поголем притисок кон националните власти, меѓутоа неопходна е посилна граѓанска поддршка.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ДИК: Без проблеми тече гласањето во казнено-поправните установи

На гласачките места во 14 казнено поправни установи своето гласачко право денеска ќе можат да го остварат 2.147 гласачи. Сите гласачки места во казнено поправните установи се отворени утрово во 7...