Граѓаните утре, на денот на изборите, ќе можат да пријават повреда на избирачкото право во седумте канцеларии на Народниот правобранител во Скопје, Битола, Кичево, Куманово, Струмица, Тетово и во Штип, информираат од кабинетот на Народниот правобранител.
– Народниот правобранител истакнува дека избирачкото право е уставно загарантирано како еднакво, општо и непосредно и се остварува на слободни избори со тајно гласање и дека никој не смее да биде повикан на одговорност заради остварување на ова право. Поради тоа, повредата на слободата на определувањето на избирачите, како и други повреди на избирачкото право се казниви дела – информираат од кабинетот на Народниот правобранител.
Граѓаните, повредата на избирачкото право можат да ја пријават или во канцелариите или на бесплатната телефонска линија 0800-54321.