This page was exported from Meta.mk [ http://meta.mk ]
Export date: Sat Jan 19 23:20:06 2019 / +0000 GMT

Повеќе од 700 лаги во една година на насловните страници на три српски таблоиди




Во 2018 година, три српски таблоиди објавиле над 700 лаги на своите насловни страници, утврдил српскиот сервис „Раскринкавање“, кој е посветен на борбата против дезинформациите.

На вкупно 306 насловни страници во 2018 година, таблоидот „Информер“ имал дури 351 дезинформација, односно непоткрепена вест. „Српски телеграф“ пак на насловните страници на 223 броја објавил дури 230 неточни или непоткрепени тврдења, додека „Ало“ на 358 насловни страници минатата година имал 149 лажни вести, односно вести без јасни извори и докази, пишува „Раскринкавање“, чии новинари ги анализирале сите насловни страници на таблоидите.

Главната одлика на прорежимскиот таблоид „Информер“ од пребројаните вести доминирале „смрт, крв, навреди, ексклузивни доверливи информации“, од „пеколните планови на Албанците да го нападнат северот на Косово до 25 април“ до тоа дека „војната на Косово ќе почне или на 15 декември или до крајот на декември“.

Од 223 насловни страници на „Српски телеграф“ во 2018 година од 230 неточни или непоткрепени тврдења, дури една петина била за рускиот претседател Владимир Путин и за неговите пораки за поддршка на Србија, Косово и за српскиот претседател Александар Вучиќ. Посебно голем проблем овој таблоид направил со покренување на кампањата против фондацијата „Поддржи живот“ и славниот актер Сергеј Трифуновиќ, инаку критичар на актуелната српска власт. „Информер“ во серија на насловната страница објавувала дезинформации заедно со фотографии на Трифуновиќ дека актерот проневерува од собраните пари, по што министерот за здравство Златибор Лончар, повикувајќи се на тие лажни вести, спроведе контрола на трошењето на парите. Проверките покажале дека немало неправилности во трошењето на парите.

Третиот таблоид анализиран од „Раскринкавање“, „Ало“, за чии дезинформации и конструкции повеќепати пишуваше и „Мета“. Голем дел од лажните вести биле за „напорите за уривање на Вучиќ“.

Според „Раскринкавање“, „Информер“ го издава фирмата „Инсајдер тим доо“ на Драган Ј. Вучиќевиќ, кои добиле милиони динари на владините конкурси за кофинансирање медиуми.

Сопственик на „Ало“ е Саша Благојевиќ, кој е другар уште од гимназиските денови на министерот за финансиии Синиша Мали. Сопственици на „Српски телеграф“ се четиримина, од кои еден е адвокатот Лазар Симиќ, кој работел во канцеларијата на Игор Исаиловиќ, деловен партнер на српската премиерка Ана Брнаби и човек што ужива доверба на поранешниот градоначалник на Белград, а сегашен министер за финансии, Мали.

Post date: 2019-01-11 11:26:07
Post date GMT: 2019-01-11 10:26:07
Post modified date: 2019-01-11 11:26:07
Post modified date GMT: 2019-01-11 10:26:07

Powered by [ Universal Post Manager ] plugin. MS Word saving format developed by gVectors Team www.gVectors.com