fbpx

Повеќе од 470 социјално ранливи лица ќе се вработуваат со помош од државата

-

Четиристотини седумдесет и шест лица од социјално ранливите категории, кои потешко наоѓаат работа, ќе можат да се вработуваат во текот на годинава со субвенции од државата кај познат работодавец. Поради тоа, тие ќе посетуваат тримесечна обука, по која работодавецот ќе ги вработи и е должен да ги задржи на работа 12 месеци по завршувањето на обуката.

– Приоритет при вработувањето ќе имаат лица на возраст 50-55 години, лица со основно или со пониско образование, корисници на социјална помош, млади лица до 29 години со ниски квалификации, жртви на семејно насилство, деца без родители и без родителска грижа, бездомни лица, поранешни корисници на дрога, родители на деца на улица, самохрани родители, Роми, невработени лица евидентирани во АВРМ најмалку една година, млади невработени лица евидентирани во АВРМ најмалку шест месеци, родители на деца со пречки во развојот или на три и повеќе деца – информираше на денешната прес-конференција министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов.

Обучуваните лица ќе добијат 6.200 денари месечно, со вклучено осигурување во случај на несреќа при работа и професионално заболување.

По завршување на обуката на работното место, работодавецот е обврзан да ги вработи сите обучени лица, за што ќе добие субвенција за вработување во форма на финансиска поддршка за бруто-плата во износ од 19.000 денари месечно за период од шест месеци со полно работно време, од кои 14.000 денари за невработеното лице и 5.000 денари за работодавецот, како надомест за направените трошоци за подготовка на лицето во работниот процес.

Работодавецот има обврска да го задржи на работа субвенционираниот работник во следните 12 месеци и да не го намали бројот на вработените на неопределено време.

Спасов информира дека со оваа мерка предвидено е да се опфатат 142 млади невработени лица, активни баратели на работа, за што се издвоени 19 милиони денари, а за сите вработувања – 63 милиони денари од буџетот на Република Македонија.

Директорот на Агенцијата за вработување на Република Македонија, Влатко Поповски, појасни дека огласот е отворен од сега до крајот на годинава, нешто што, како што рече, е направено заради прилагодување на потребите на бизнис-секторот.

„Секоја компанија која има потреба, може да се обрати до АВРМ во кое било време“, додаде Поповски, „а ние месечно ќе правиме пресек и ќе ги поврзуваме оние кои бараат работа со оние кои ја нудат преку оваа мерка“.

Според директорот на АВРМ, искуствата покажале дека оние лица кои биле задржани подолго од шест месеци, остануваат долго на работното место или заминуваат на подобро.

Минатата година во рамки на оваа мерка биле потпишани 57 договори за 145 вработувања. Од нив сега сè уште работат 110 лица.

Вработувањата ќе се реализираат во рамки на мерката „Обука на работно место со субвенционирано вработување“, од Оперативниот план за услуги на пазарот на труд и активните програми и мерки за вработување за 2015 година.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Шорткат“: Апликацијата ДИА како асистент на лицата со дијабетес

Во вечерашното издание на емисијата „Шорткат“ ги имаме Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ - млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес. Инспирирани од...