!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Повеќе од 40 сомалиски мигранти убиени во близина на брегот на Јемен


       
Сана, 18 март, 2017 - 10:57 (META) 

Повеќе од 40 сомалиски мигранти, меѓу кои имало жени и деца, биле убиени ноќеска во близина на брегот на Јемен, додека биле превезувани со чамец, јавуваат светските агенции.

Чамецот, со околу 140 мигранти од Сомалија, бил погоден од лесно оружје во близина на пристанишниот град Ходеда, на западниот брег на Јемен, соопштила канцеларијата за бегалци на Обединетите нации (УНХЦР). Чамецот, и покрај нападот, успеал да доплови до пристаништето, кое е под контрола на бунтовниците Хути.

Засега никој не ја презел одговорноста за нападот. Бунтовниците за нападот ја обвинуваат арапската коалиција, која, пак, ги отфрла ваквите наводи.

Во чамецот, како што објави Меѓународната организација за миграција (ИОМ) во Јемен, биле пронајдени телата на 42 лица.

Според управата на пристаништето, преживеаните мигранти заедно со тројца јеменски шверцери биле уапсени.