Потрошените пари за „Ден на дрвото“ и ефектот од акцијата денеска на владина седница


       
Скопје, 13 февруари, 2018 - 11:05 (META) 

Владата денеска ќе ја одржи својата редовна, 54 седница со 104 точки на дневен ред.

Како пред точки се најавени расправата за состојбите и напредокот во процесот на европска интеграција, користење и имплементација на фондовите од ЕУ, статус на реализација на приоритетите на Македонија за влез во НАТО и статус на реализација на Рамковниот договор.

На денешната седница повеќе точки од дневниот ред се посветени на информации за прогресот на активности во реализацијата на проектите за изградба, рехабилитација и реконструкција на повеќе делници на автопатски, експресни, регионални и локални патишта во Македонија.

На седницата на Владата денеска ќе биде одржана презентација на тема „Клучните аспекти на јавната внатрешна финансиска контрола и раководна отчетност и одговорност“, на иницијативата СИГМА на ЕУ која има за цел да дава препораки за приоритети за реформа на јавната администрација во земјите кандидати за членство во Европската Унија.

Јавно претпријатие за стопанисување со државните шуми „Македонски шуми“ пред министрите денеска ќе ја презентира информацијата за вкупно потрошени финансиски средства за спроведување на акцијата „Ден на дрвото-засади ја својата иднина”, од почетокот на акцијата до сега, со резултатите и ефектот од реализацијата на акцијата.