Потпишани договори во вредност од 5 милиони евра за прекугранична соработка со Грција


       
Скопје, 21 септември, 2018 - 16:54 (META) 

Министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу денеска во Владата изјави дека до 2020 година, за проекти за прекугранична соработка помеѓу Македонија и Грција, од страна на Европската унија се обезбедени вкупно 45,5 милиони евра, од кои 50 отсто за проекти кои што ќе бидат имплементирани во Македонија.

Средствата за национално кофинансирање ги обезбедува Министерството за локална самоуправа од буџетот на државата.

Денеска во Владата, Фазлиу и подносителите на проекти потпишаа договори за кофинансирање. Меѓу носителите на проектите се и јавни здравствени установи, Царинската управа, Центарот за управување со кризи, општини, Центарот за развој на југоисточниот плански регион, граѓански организации. Индиректни корисници се граѓаните од четири плански региони во Македонија и од пет региони од Грција.

– Во овој повик имаме на располагање 15 милиoни евра од Европската унија и 2,4 милиони евра, обезбедени од буџетот на државата, преку Министерството за локална самоуправа, за национално кофинансирање. На овој начин државата им помага и ги охрабрува потенцијалните апликанти: општини, граѓански организации, училишта, детски градинки, универзитети, болници, асоцијации и други непрофитни субјекти, да подготват проекти, да влезат во конкуренција и да обезбедат средства од Европската унија. Сите апликанти што обезбедија средства за финансирање на проектите, си помагаат на себе и на локалната заедница. Во исто време се реализираат приоритетни прашања, без да се трошат средства од општинските буџети – изјави Фазлиу.

Градоначалникот на Гевгелија, Сашо Поцков, изјави дека Општина Гевгелија досега има реализирано 10 проекти од Програмата за прекугранична соработка со Грција, во вкупна вредност од два милиони евра.

Со реализација на проектите, Царинската управа ќе добие нова опрема, со која ќе ја подобрува функционалноста и ефикасноста на граничните премини, а ќе се обезбеди енергетска ефикасност во училиштето во Валандово, во детската градинка во Радовиш.