fbpx

Последен, очајнички апел на Самарас

-

Грчкиот премиер ја оцени како политичка уцена и изнуда одлуката да се гласа против Ставрос Димас и да не се избере претседател. Андонис Самарас вечерва, преку интервју на државната грчка телевизија, го имаше последното обраќање до граѓаните и до пратениците пред последниот круг гласање за претседател, закажано за понеделник. Премиерот не понуди никакви отстапки или нов пакет предлози за да се постигне консензус и компромис со опозициските партии.

Со строга реторика и со заканувачки тон, Самарас за последен пат пред гласањето предупреди дека тие што нема да се однесуваат во согласност со уставот и нема да гласаат за претседател ќе сносат одговорност со име и со презиме за проблемите и за перипетиите во кои ќе западне Грција поради потенцијалните предвремени избори.

– Проплукавме крв последните години за да ја задржиме Грција исправена на нозе. Јас сум свесен за смртните ризици што доаѓаат со смешните „мангупчења“ и опасните планови, кои ќе нè донесат во судир со нашите партнери. Сите што го посакуваат тоа или се неразумни или работат за туѓи интереси – изјави Самарас.

Според Самарас, сите оние кои нема да гласаат за Димас се соучесници во работата на лидерот на СИРИЗА, Алексис Ципрас, и на првиот човек на Независни Грци, Панос Каменос.

– Одбивањето да се избере нов претседател значи дека сите што се на оваа линија се согласуваат со политичката уцена и изнуда. Свесно прифаќаат дека државата може да влезе во нови перипетии. Потоа ниту еден пратеник нема да има право да рече дека не знаел. Ќе биде одговорен со својот глас за последиците до кои може да дојде – додаде тој.

Самарас остана на предлогот за консензус од минатата недела, отфрлајќи секаква можност за распуштање на владата. Тој со доза увереност посочи дека не се плаши од нови избори, туку дека, напротив, сосема му одговараат.

– Ако дојде до избори, ќе победиме. Веќе се намалува водството на СИРИЗА како што може да се види од анкетите. Но, иако ми одговараат избори, јас сакам да го видам бродот мирно и цврсто врзан на пристаниште – додаде Самарас.

Кокетирајќи со народот, се повика на неговата мудрост да оцени дека сè што се градело последните години може само во еден момент да го снема. Со веќе познат тон, изјави дека не се работи за партијата, туку за државата.

Од СИРИЗА забележаа дека Самарас со ова обраќање продолжува да се заканува со катастрофални сценарија и побараа превремени избори за народот да стави крај на неизвесноста што премиерот ја создава со неговата опсесивна желба да биде на власт.

Интервјуто на Самарас наиде на големи реакции во јавноста поради начинот на кој беше изведено. Реакциите кулминираа кога премиерот не дочека да го одјават новинарите, туку се одјави сам. Некои го споредија со виц, други со извежбан монолог. Поранешната европратеничка Марилена Копа го протолкува како интервју со кое Самарас, во суштина, најавува избори.
М.П.

 

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Изброени половина од гласовите: Силјановска со двојна предност пред Пендаровски

Водство на претстедателскиот кандидат на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска Давкова, покажуваат првичните резултати што ги објави Државната изборна комисија (ДИК). Според извештаите, од обработени 59,61 отсто од гласачките места, таа има...