Пораките на Столтенберг се јасен сигнал дека сме на вистинскиот пат, изјави Тунтев


       
Скопје, 18 јануари, 2018 - 15:20 (META) 

Обраќањето на Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг и пораките што ги испрати се јасен сигнал дека сме на вистинскиот пат, изјави координаторот на пратеничката група на СДСМ, Томислав Тунтев.

– Столтенберг ги препозна и ги поздрави реформските процеси на Владата кои се основа на нашите интеграции. Тоа ни дава поттик да продолжиме понатаму. Со задоволство ја прифативме пораката на политиката на отворени врати на НАТО – рече Тунтев и додаде дека сите политички субјекти треба да се вклучат во реформските процеси.

Тој рече дека Столтенберг изразил зачуденост за колку кратко време Македонија постигнала напредок.

Прашан за одлуката на претседателот Иванов да не го потпише Законот за употреба на јазиците, Тунтев рече дека со жалење констатира дека Иванов не може да ги напушти политиките на поделби и раздор.

– Законот за јазиците не е во спротивност со Уставот и неговото усвојување не му штети на никого. Ќе ги разгледаме забелешките на Иванов и ќе донесеме одлука како владејачко мнозинство – додаде Тунтев.