Пораки за мир, единство и за почитување на светата миса во чест на Мајка Тереза


       
Скопје, 11 септември, 2016 - 14:17 (META) 

Денеска на плоштадот Македонија се одржа светата понтификална миса, крунски настан на „Деновите на Мајка Тереза“, која ја предводеше сараевскиот надбискуп, кардиналот Винко Пуљиќ, кој беше именуван од папата Франциск да го предводи овој настан во Скопје.

– Гордејте се со светата мајка. Вие, верниците, кога ќе ви падне духот и ќе се најдете во опасност да ја изгубите надежта, инспирирајте се од оваа прекрасна мајка, која со своето застапништво ќе ви помогне. Мајките кои го изгубиле мајчинството, вратете го преку почитувањето на оваа света мајка, а Вие кои се плашите од животот, учете од оваа света мајка колкава е силата во верата. Не заборавајте го овој ден и овој настан – порача кардиналот Пуљиќ.

На настанот обраќање имаше и претседателот на државата, Ѓорге Иванов, кој истакна дека единствениот вистински начин да ја покажеме нашата почит кон светата Мајка Тереза е да живееме заедно со сите наши најдлабоки верски, етнички и идеолошки разлики. Иванов нагласи дека наместо истоштувањето со политички битки за докажување на нејзиното потекло и присвојувањето на нејзното име, Мајка Тереза „би нè упатила да се угледаме на нејзиниот пример“.

– Да правиме мали добри дела со голема љубов. А за тоа не мора да одиме на крајот од светот бидејќи, како што таа велеше, почитта и љубовта почнуваат во нашиот дом, во нашето маало, во нашиот град, во нашата држава Македонија. Гледајќи нè политички разединети и поделени, би побарала од нас да не се делиме и караме, туку да си простиме, да се помириме и да се почитуваме… Би нè охрабрила да го чуваме највредното нешто што го имаме, највредното што и таа го понесе со себе во Индија, а тоа е нашиот македонски модел на соживот и почитување и прифаќање на различноста. Затоа што само така ќе научиме да живееме заедно со сите наши најдлабоки верски, етнички и идеолошки разлики – рече Иванов.

Скопскиот бускуп и апостолски егзарх Киро Стојанов ја прогласи капелата во Спомен-куќата на Мајка Тереза за светилиште на света Мајка Тереза.

Светата понтификална миса на плоштадот Македонија ја следеа голем број верници, граѓани, претставници на Католичката црква и на другите верски заедници, како и домашни и странски делегации.

Папата Франциск на 4 септември пред стотици илјади граѓани и верници на плоштадот Свети Петар во Ватикан ја прогласи Мајка Тереза за светица.