Поповски: По 10 години, конечно повеќе критички текстови од пофалби во медиумите


       
Скопје, 3 мај, 2018 - 13:36 (META) 

По 10 години има повеќе критички текстови отколку пофалби во медиумскиот простор, порача денеска министерот без ресор задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност, Роберт Поповски, на редовната владина прес-конференција.

– Го одбележуваме овој ден на медиумите, во демократска, слободна и европски ориентирана Република Македонија. За прв пат, после 10 години, ќе има можеби повеќе критички текстови од пофалби, укажувања, сугерирања за медиумските слободи и права, како што секојдневно има изминативе 10-тина месеци, за секое прашање од важност и интерес за граѓаните. Денеска има гласност, наспроти молк – рече Поповски.

Тој констатираше дека „професионалните и независни медиуми се гласот на граѓаните во секоја демократска држава“.

– Оваа отворена и демократска Влада го слуша гласот на своите граѓани за да се подобрува во раководењето на државата и никогаш да не скршне од зацртаните приоритети. Затоа на врвот на политичката агенда на Владата е концептот на отворена влада, којшто подразбира демократизација на медиумскиот амбиент, односно поддршка на слободно и професионално новинарство, активна транспарентност и пристапност – рече Поповски.

Тој ја повика опозицијата да даде поддршка за Законот за аудио и аудиовизуелни медумски услуги со што би се отпочнале реформите во медиумската индустрија во Македонија. Истовремено, ги обвини пратениците од опозицијата кои претседаваат со Комисијата за транспорт и врски, дека на двапати без образложение ја одложиле седницата на која треба да се дискутира за Законот за АВМУ.

Министерот за комуникации, отчетност и транспарентност ги повика сопствениците на медиумите да ја подобрат положбата на новинарите, зголемувајќи ги платите и сигурноста на работните места.

– Сакам да ве уверам дека заедно со вас, од новинарската заедница, согласни сме, треба да се промени и економската ситуација на новинарите во Македонија и да се осигураат вашите
работни места и повисоки плати. Апелирамe кон сопствениците на медиумите да ги следат политиките на пораст на платите – рече Поповски.