Попова Шапка со катастрофална зимска сезона


       
Тетово, 9 април, 2017 - 15:22 (META) 

Од иницијативата за спас на Попова Шапка, зимската сезона 2016/2017 ја оценуваат како една од најкатастрофалните во последниве неколку децении. Велат дека скијање на Попова Шапка имало само три недели во февруари, но и во овој период ски-лифотвите постојано се расипувале и имало постојано метеж.

– Освен што е стара инфраструктурата, на центарот немаше никаква организираност, нема каде да се паркираш. Не мора ние да говориме за најкатострофалната сезона на Попова Шапка. Доволно е да ја отворите веб-страницата на „ЕЛЕМ Турс“, јавно претпријатие кое стопанисува со центарот, кое има направено анкета на гостите , колку се задоволни од услугите кои им ги пружаат. Анкетата говори дека над 35 отсто од гостите се незадоволни – изјави Хамди Сулејмани од иницијативата за спас на Попова Шапка.

Хотелиерите на Попова Шапка како една од причините за лошата ски – сезона, го посочуваа немањето на доволно снег, проблем кој, како што велат, може да се реши со вештачки снег, како по примерот со повеќе земји од регионот.

– Сезоната беше бледа. Факт е дека немаше снег. Проблемот може да се реши со систем на инсталација на вештачки снег. Надлежните ветуваа дека ќе има вештачки снег, ама ништо од тоа, и природниот кој малку падна не го одржуваа како што треба, односно не го натапкаа со ратраци на време – вели Хашим Хасани сопственик на хотел на Попова Шапка.

Владата неколкупати ветуваше дека во скијачкиот центар Попова Шапка ќе инвестира над 30 милиони евра, во нови жичници, хотели паркиралишта. Но од ветеното на терен нема ништо реализирано.
Попова Шапка пред триесет години, важеше за еден од најубавите зимски центри на Балканот.