fbpx

Попоски во септември во Атина?

-

Позитивна и пријателска средба која може да помогне да се изгради поголема доверба и соработка меѓу македонскиот и грчкиот народ. Вака грчкиот новинар и аналитичар за „Катимерини“, Ставрос Ѕимас, ја оценува вчерашната посета на грчкиот министер за надворешни работи, Никос Коѕиас.

Според Ѕимас, посетата на Коѕиас, прва билатерална посета на шеф на грчката дипломатија по речиси цела деценија нестапнување на грчки политичар на македонско тло, беше една од најдобрите посети на грчки политичар во Македонија, во споредба и со средбите и со посетите во минатото.

Ѕимас, кој со децении ги следи македонско-грчките односи, вели дека и од она што го изјавија македонскиот министер Никола Попоски и Коѕиас, како и од договорените мерки, се гледа можност полека да почне да се топи студената клима која постои меѓу двете влади. Она што е екстремно важно и корисно, според него, е самата посета на Коѕиас по толку години пауза, бидејќи испраќа позитивна порака дека постои волја да се почне поинтензивна соработка и да се креира поконструктивна клима меѓу двете страни.

– Самата средба, како и она што беше договорено и кажано, помага да се стопи мразот меѓу двете страни. Како што слушнавме, министерот Попоски на почетокот на септември постои веројатност да дојде во Атина и тоа е многу важно, бидејќи не е доволно да има чекори само од едната страна и само едната страна да ги пренесе своите пораки до соседниот народ. Мора и другата страна да ги пренесе своите ставови до другиот народ. Неопходно е да се отворат каналите на комуникација, да се отвори патот на соработката, да се слушнат пораките до народите во двете држави и верувам дека посетата на Попоски во Атина ќе помогне во таа насока – вели Ѕимас во разговор со „Мета“.

Тој оценува дека позитивната клима која постоеше меѓу Коѕиас и Попоски на вчерашните средби во Скопје е гаранција дека ќе се почне со успешно спроведување на мерките, а со тоа и со интензивирање на соработката меѓу двете страни. Според Ѕимас, не треба да се гледа негативно на тоа што се работи за помали, технички мерки бидејќи токму овие практични мерки, како отворање нов граничен премин и пуштање нова железничка линија, ќе го олеснат практично секојдневниот живот на граѓаните од едната и од другата држава.

– Без да се подобри климата меѓу народот, не може да се продолжи кон решавањето на спорот за името. Долго го следам спорот и силно верувам дека доколку не ги подобриме врските меѓу граѓаните, нема да може ни од едната ни од другата страна да се прифати кое било компромисно решение за кое ќе се договорат политичките лидери на двете страни – додава Ѕимас.

Мерките, според него, ќе помогнат во насока на уште поголема соработка и клима на поголема доверба, која би им дозволила на владите на двете држави да почнат полека да размислуваат одново за строгите црвени линии што ги имаат поставено во преговорите за спорот за името. Онака како што се условите сега, за Ѕимас, не постои можност ниту едната ниту другата страна да се откаже од своите црвени линии, бидејќи компромисот може да не биде дочекан позитивно и прифатен од народот.

Во однос на реториката на Попоски и на Коѕиас, Ѕимас вели дека обајцата настапиле во многу пријателски манир, што создава оптимизам за можноста за интензивирање на соработката.

– Она што беше многу важно, беше изјавата на Коѕиас дека владата во Скопје нема иредентизам – додава Ѕимас.

Посочува дека треба да се земат предвид примерите на Коѕиас за иредентизам, како посочувањето на делото на поранешниот министер за надворешни работи Антонио Милошоски и неговото веење на знамето со сонцето од Вергина на Олимп. Според него, оваа забелешка е во насока на осудување секакви активности кои се во насока на креирање непријателска клима и инциденти меѓу двете страни, наместо развивање пријателски врски.

– Никогаш не разбравме зошто беше потребно ова што го направи Милошоски. Не можеме да претпоставиме што можеше да се случи ако во тој момент покрај него беа некои вжештени глави, ултранационалисти од Грција. Која е целта на овие активности – вели Ѕимас.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Петровска го доби Ковачки на суд и се откажа од 10.000 евра што требаше тој да ѝ ги плати за клевета

Основниот граѓански суд - Скопје утврдил граѓанска одговорност за клевета врз министерката Славјанка Петровска од Драган Ковачки од ВМРО-ДПМНЕ. Петровска на својот профил на Фејсбук ја објави пресудата. „Како што...