fbpx

Попоски: Потребен е рок за тоа колку една држава може да се држи како кандидат за ЕУ

-

„Mора да се дефинира временска рамка, да се постават стандарди колку време може една држава да се држи како кандидат за членка на Европската Унија, до моментот на почнување и на завршување на пристапните преговори. Така ќе се обезбедат и регионалниот мир и безбедност на долг рок“, истакнал вицепремиерот и министер за надворешни работи, Никола Попоски, на панел-дискусијата за иднината на Балканот во ЕУ, што се одржа во рамките на Бледскиот стратешки форум во Словенија.

Попоски нагласил дека времето е клучен фактор во нашата (на Република Македонија) приказна, која трае повеќе години, а членството во ЕУ сè уште не е на повидок.

„Има различни стандарди за државите членки и кандидати. Некој ќе рече дека тоа е нормално и затоа е подобро да сме членка. Во меѓувреме, не можете да замислите на некоја држава од ЕУ да ѝ биде проблематизирано постоењето и основните права на нејзините граѓани, но за кандидат, тоа е сосема возможно… Не е решение да седнеме и само да се жалиме. Но, фер е да се направи една стратешка оценка во ЕУ за користа и за штетите од одложувањето на процесот. Дури и при услови на внатрешни предизвици, во ЕУ треба да се промовира интеграција на Балканот“, истакнал Попоски.

Според шефот на македонската дипломатија, денеска правилата за членство во ЕУ се изменети, а „најголемиот мировен проект на најстариот континент ги заостри критериумите на процесот за проширување“.

„Сега повеќе не е доволно само грубо воспоставување на функционална демократија и економија на пазарни принципи. Затоа, мора да се дефинира временска рамка, да се постават стандарди колку време може една држава да се држи како кандидат за членка, до моментот на почнување и на завршување на пристапните преговори. Така ќе се обезбедат и регионалниот мир и безбедност на долг рок“, истакнал Попоски.

Тој нагласил дека за Македонија, иако приказната со членството во Европската Унија трае пoдолго, сепак тaа претставува најдобрата гаранција за мирна и просперитетна иднина на Балканот.

Министерот Попоски, на Форумот во Блед остварил билатерални средби со министрите за надворешни работи на Босна и Херцеговина, Косово, Словенија, Србија и на Турција, како и со францускиот секретар за европски прашања, Харлем Дезир, американскиот помошник секретар за Европа, Хојт Брајан Ји, и со канадскиот парламентарен секретар на министерот за надворешни работи, Памела Голдсмит Џонс.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Промоција на винил компилација „Поп култура“, во чест на Мирко Попов

Вечерва ќе се одржи промоција на винил компилацијата „Поп култура“ во едукативниот културен центар „Лабораториум“, во рамките на платформата „Силата ЕУ Младите“. Изданието содржи песни од млади современи македонски поп...