fbpx

Попоски – Коѕиас: Да се стопи деценискиот мраз на недоверба

-

Грција и Македонија договорија 11 мерки со кои ќе се работи на зајакнување на довербата и на креирање поволна клима за надминување на спорот за името. Грчкиот министер за надворешни работи, Никос Коѕиас, и шефот на македонската дипломатија, Никола Попоски, на денешната средба во македонското Министерство за надворешни работи, не донесоа некој конкретен заклучок за поместување на црвените линии околу спорот за името, но ги потврдија согласноста и договорот околу соработка на повеќе полиња, кои ќе помогнат да се продлабочи билатералното разбирање и соработка, кои потоа полека би донеле до решавање на спорот за името.

Зголемувањето на комункацијата и топењето на деценискиот мраз беше главниот заклучок од денешната средба. Мерките ќе бидат во насока на зајакнување на економската и на трговската соработка, преку зајакнување на бизнис-релациите и организирање бизнис-форуми, посилна политичка соработка преку зачестени средби и политички консултации меѓу двете министерства, подобрување на енергетската, транспортната и на инфраструктурната поврзаност, соработка во здравството и поголема соработка на културно и на образовно ниво, меѓу универзитети, истражувачки и научни институти, како и соработка во врска со правните прашања, како подобра размена на информации, поголема соработка меѓу граничните сили во насока на борба против нелегалната миграција и организираниот криминал.

– Правиме еден чекор за заемен активен пристап и за поттикнување практична соработка. Најслабата алка во изминатите неколку децении во нашите билатерални односи е, секако, довербата, која очигледно била на недоволно високо ниво, најсилна алка бил интересот и мотивот на нашите граѓани, бизниси и општества да се поврзуваат и да соработуваат – истакна Попоски.

Според министерот Попоски, оваа листа со 11 мерки, која понатаму ќе се проширува, е добра основа за подобрување на климата меѓу двете страни. Попоски посочи дека најслабата алка меѓу двете страни е немањето доверба, а без неа е невозможно да се реши големо прашање, како спорот за името.

Попоски оцени дека меѓу двете страни постои традиција на недоверба која може да се надмине заеднички, преку соработка. Негова оцена е дека преку соработката ќе се создаде клима за да може да се адресира спорот за името, кој толку години тапка во место токму поради тоа што нема соодветни услови за справување со него.

Коѕиас беше дециден дека мерките за градење доверба им се неопходни на Македонија и на Грција, посочувајќи дека луѓето кои меѓусебно си веруваат може потоа да имаат разбирање и да ги надминат сите проблеми. Шефот на грчката дипломатија забележа дека Грција работи во насока на тоа да придонесе за стабилноста и за безбедноста на регионот и се труди да помогне за поскоро интегрирање на Македонија во европското семејство и во НАТО, како држава со целосно европски вредности.

– Сакаме сите наши соседи да се во ЕУ, да имаат правна држава, економски развој, затоа што и мојата држава зависи во голема мера од тоа што се случува на Балканот. Во рамки на патот за градење доверба, се согласивме на 11 мерки. Верувам дека ќе има и други во идина и верувам дека ќе имаме можност да разговараме и да го решиме во рамки на меѓународното право и добрососедските односи и спорот за името – истакна Коѕиас, додавајќи дека и покрај тоа што постои несогласување околу спорот за името, за секој проблем може да се најде решение.

Тој подвлече дека во време кога глобализацијата создава проблеми и кога европското единство е отежнато, Македонија и Грција, како соседни земји, мора да ги стабилизираат меѓусебните односи, да ги зачестат контактите и да ги продлабочат врските.

Тој упати апел да не дозволиме да станеме заробеници на историјата, туку да учиме од неа. Според Коѕиас, Балканот има чудно однесување кое доведува до две опасности – народите да останат заробени во историјата и да се создава повеќе историја од што може да се консумира.

– Историјата ни е важна, но историјата треба да е училиште, а не затвор, да учиме од неа. Ние имаме научено дека развој, стабилност и безбедност на Балканот ни се потребни на сите и потребна е соработка за тоа од сите страни – додаде Коѕиас.

Тој испрати и порака дека е потребно откажување од иредентизмот и од екстремниот национализам и од едната, но и од другата страна. Говорејќи за иредентизмот од македонска страна, забележа дека ѝ верува на македонската влада дека нема територијални претензии, но индиректно се осврна на делата на поранешниот министер за надворешни работи, Антонио Милошоски, како неговото веење на знамето од Вергина на Олимп или, пак, креирањето географски карти со делови од Грција.

– Секој има право на свој идентитет. Но, не треба начинот на кој се користи да создава впечатоци дека ќе дојде до негова злоупотреба. Ако поранешен политичар крене знаме кое не е легално на Олимп, без причина – тоа е иредентизам. Кога креираат географски карти кои интегрираат делови од друга земја, тоа е иредентизам – истакна Коѕиас.

Тој отворено посочи дека е погрешно мислењето дека Грција сака Македонија да биде уништена и да не постои, забележувајќи дека Грција е среќна и задоволна што постои Македонија и работи во насока на нејзин подобар развој и интегрирање во ЕУ. Забележа дека грчката влада ги почитува тие што имаат патриотски чувства, но се бори и реагира отворено против иредентизмот и ултранационализмот, кој постои и од едната и од другата страна.

– Грчката надворешна политика верува дека оваа држава е добра за Грција, дека оваа држава е подарок за Балканот, дека нејзиното постоење, стабилноста и безбедноста се добри за Грција и правиме сè што можеме да помогнеме за нејзиниот пат за влез во ЕУ и во НАТО и сакаме да помогнеме со нашето искуство за одржување на единството, стабилноста и на безбедноста – истакна Коѕиас.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Бесплатно демо за платформската игра „Бласфемос“

На Steam може да се симне бесплатно демо од играта Blasphemous. Станува збор за платформска игра за возрасни која функционира како Souls игра, а естетски наликува на старата добра...