Попоски: И власта и опозицијата да си го сменат менталитетот


       
Скопје, 17 јули, 2018 - 12:46 (META) 

Македонија требаше да го почне скринингот уште во 2005 година, откако стана кандидат за Членство во ЕУ, изјави Никола Попоски поранешниот шеф на дипломатијата, кој претседава со Националниот совет за евроинтеграции како пратеник на опозицијата.

– Дете што се родило во 2005 година сега е полуматурант. Така и ние сега имаме полуматурант на кој треба да му го смениме менталитетот и матрицата за да не заглави уште повеќе на патот кон ЕУ. Имаме голема одговорност да не заглави матурантот уште повеќе. Нема причини за концерти и славење. Мораме да согледаме дека овие луѓе тука се малцинство, а во ЕУ мнозинството се неутрално негативни. Британците имаат верба во демократијата која ние ја немаме. Власта презентира слика на обединетост, а всушност прави што сака- рече Попоски и порача власта и опозицијата да си го сменат менталитетот и самите да направиме скриниг на институциите.

Тој додаде дека истиот ден кога еврокомесарот за проширување, Јоханес Хан, ќе си замине, во Македонија ќе се одржи седница со кршење на деловникот и законите.

-Нам ни треба промена на матрицата. Главен аргумент на власта е дека и претходните правеле така. Тоа треба да заврши. Одговорност носат и власта и опозицијата. Опозицијата треба да понуди решение не само да седи. Шест месеци треба самите да си направиме скриниг за капацитетот на нашите институции. Заедно да седнат власта и опозицијата и да го сменат менталитетот – порача ексминистерот.