Половина војници на АРМ, статистички, веќе учествувале во мисии на НАТО


       
Скопје, 6 септември, 2018 - 14:39 (META) 

Повеќе од 4.000 војници на АРМ досега учествувале во мисиите на НАТО, истакна министерката за одбрана Радмила Шекеринска по денешната средба со генералниот секретар на Северноатлантската алијанса, Јенс Столтенберг, во касарната „Илинден“ во Скопје.

– Денеска генералниот секретар на НАТО беше присутен во Стајковци, каде што Македонија, во блиското минато, можеше да смета на НАТО. Сега сме во касарната „Илинден“, каде што имавме прилика да ги видиме припадниците на АРМ на кои што во минатото НАТО можеше да се потпре, бидејќи повеќе од 4.000 припадници на нашата армија учествуваа во различни мисии предводени од НАТО во изминативе години. За нас ова е партнерство на кое што можеме да се потпреме – рече Шекеринска.

Таа и оддаде признание на АРМ, дека била „беше постојан, тивок, но многу видлив и признаен дипломат, којшто лобираше Македонија да стане членка на НАТО“.

Во моментов АРМ има проектирана бројна состојба од 8.167 припадници, што значи дека статистички повеќе од половина од нејзините припадници веќе биле во мисија предводена од НАТО. Со новиот Стратегиски одбранбен преглед, пак, кој беше донесен во јуни, АРМ ќе брои околу 6.800 активен воен персонал.

Македонија учествува во мисии предводени од НАТО од 2002 година, кога испрати двајца офицери на АРМ во Авганистан во рамки на турскиот контингент.