!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Половина милион македонски туристи во Грција во првите шест месеци од годинава


       
Атина, 15 октомври, 2016 - 11:13 (META) 

Повеќе од половина милион туристи од Македонија ја посетиле Грција во првите шест месеци од годинава. Според бројките на грчката Народна банка, за периодот од јануари до јуни во Грција се регистрирани 574.600 туристи од Македонија.

Македонските туристи се на четврто место според бројноста, по туристите од Велика Британија, Германија и од Бугарија. Профитот од македонските туристи во првите шест месеци е 59 милиони евра, а регистрирани се 1.312.000 ноќевања во Грција.

Сепак, статистиката на грчката Народна банка покажува намалување на бројот на македонски туристи годинава во споредба со лани. Според статистиката, бројот на македонски туристи од јануари до јуни годинава е за 27,7 отсто помал во споредба со истиот период лани, кога во Грција имало 794.600 туристи од Македонија. Поради ова има пад од 13,4 отсто во бројот на ноќевања.

За 27,4 отсто е намален и профитот од македонските туристи. Ако годинава профитот во Грција од македонските туристи е 59 милиони, лани истиот период нашите граѓани во Грција оставиле 81 милиони евра.

Како можни причини за намалување на бројот на патници од Македонија во Грција, особено во зимските месеци, според туристичките работници, се посочуваат проблемите со бегалците кај Идомени и блокадата на границата од грчките земјоделци.

Општо, во државата во првите шест месеци е забележан пад од 1,7 отсто во бројот на пристигнувања и 7,9 отсто во заработката од туристите во споредба со лани.

Во Грција во првите шест месеци пристигнале повеќе од 8,5 милиони туристи, кои потрошиле околу 4 милиони евра.