Полицијата расчистува два случаи на притисок поврзани со локалните избори


       
Штип, 24 октомври, 2017 - 15:42 (META) 

Министерството за внатрешни работи работи на два случаи со притисоци во врска со локалните избори.

Првиот случај е во Центар Жупа, каде претседателот и четири членови на општинската изборна комисија на Општина Центар Жупа пријавиле неовластено снимање. Имено, на фејсбук-профилот на Р.И. биле објавени фотографии од денот на примањето на изборниот материјал на општинската изборна комисија во Центар Жупа од избирачките одбори, како и текст со кој, според пријавата, се нарушувал угледот на општинската изборна комисија.

Полицијата од Дебар почнала постапка.

Вториот случај бил пријавен вчера во полициската станица во Штип. Штипјанка кажала дека претходниот ден по телефон ѝ се јавил Ј.С. од Штип и ѝ кажал дека таа и нејзиното семејство на вториот круг од локалните избори в недела треба да гласаат за кандидатот за градоначалник на Штип од неговата политичка партија. За овој случај бил известен и јавен обвинител.