Единицата за недозволена трговија при Секторот за внатрешни работи Скопје поднела кривичина пријава против 25-годишшниот Д.Г. од Скопје, осомничен дека во околината на населбата Драчево насадил и одгледувал марихуана, соопшти денеска Министерството за внатрешни работи (МВР).
Според МВР, осомничениот семето од растението канабис сатива го набавил во текот на оваа година, а стеблата ги одгледувал во пластеник во месноста Песовци во Драчево и ги наводнувал преку систем „капка по капка“.
По наредба од судија на претходна постапка, полициски екипи во понеделникот оваа недела, извршиле претрес на парцелата, која осомничениот ја зел под наем, и во еден од пластениците откриле 135 стебла канабис статива, со височина од 130 до 215 сантиметри.
Против Д.Г. е поднесена кривична пријава за неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори, а судија на претходна постапка му одредил мерка притвор од 30 дена.
Од МВР информираат дека заплената е дел од пошироката акција на полицијата, со оперативно име „Мрежа“, во која, според министерството, досега се поднесени кривични пријави против 195 лица, а запленети се повеќе од 540 килограми различни видови дрога.