!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Полициите на Македонија и на Косово ќе гонат криминалци што се кријат во двете држави


       
Скопје, 4 декември, 2017 - 16:21 (META) 

Министрите за внатрешни работи на Македонија и на Косово, Оливер Спасовски и Фламур Сефај, денеска во Скопје потпишаа договор за преземање лица со незаконски престој, кој е се однесува на мигрантската криза, како и протокол за прекугранично гонење на лица што учествувале во криминални активности и кои бараат засолниште во двете држави.

Соработката со Косово, Спасовски ја оцени како добра и додаде дека потпишувањето на денешните документи оди во насока на нејзино интензивирање.

– Само преку заедничка соработка можеме да ги држиме регионот и нашите две држави безбедни – истакна Спасовски.

Тој појасни дека со договорот за преземање лица со незаконски престој, се овозможува мигрантите што ќе бидат затекнати во двете држави да бидат вратени во земјите од каде доаѓаат. Протоколот, пак, треба да ги спречи лицата вмешани во криминал да се кријат во Косово и во Македонија.

Прашан за потерницата по двајцата обвинети во случајот „Монструм“ – Алил Демири и Африм Исмаиловиќ, Спасовски рече дека потпишувањето на протоколот се однесува на сите отворени барања кои ги имаат Македонија и Косово, односно да не можат осомничени за криминал да бараат засолниште во двете држави.

Во врска со истото прашање, Сефај рече дека косовските органи ќе постапат во согласност со законите и со меѓународното право.