fbpx

Политичка криза: Сè е исто, само датумот на избори е нов

-

Два дена откако Собранието го изгласа новиот датум за распуштање (7 април 2016 година), сè уште е нејасно што точно и дали сè е договорено.

  • Што е со медиумите, дали се тие услов за 5 јуни или не?
  • Дали има други услови за кои треба да се преговара?
  • Продолжуваат ли дневните и ноќните средби во Клубот на пратеници?
  • Дали посредникот Питер Вахнауте останува или си оди и кога?

Засега одговорите на сите овие прашања се различни во зависност од засегнатите страни.

Од ВМРО-ДПМНЕ, преку лидерот, Никола Груевски, велат дека избори ќе се одржат по секоја цена, без разлика дали на нив ќе учествува опозицијата, додека СДСМ, вчера преку брифинг за новинарите остави можност сепак да не се појават на изборите на 5 јуни, иако функционерите на партијата тоа експлицитно не го потврдуваат.

На прес-конференцијата, Зоран Заев ниту еднаш не го спомна датумот 5 јуни, репликата експресно пристигна од неговиот конкурент Никола Груевски, според кој, овој датум е „бетониран“ и тоа со амин од меѓународната заедница.

– Бевме уверени дека ова е единственото одложување на изборите и дека нема да се бара ново, во која било форма. Дека до изборите на 5 јуни нема да има преговори бидејќи и тие веруваат дека ДИК ќе има доволно време да го прочисти избирачкиот список. Трето, дека нема да има нови услови, вклучувајќи го и законот за медиуми. Четврто, добивме уверување дека нема да има нови процени од САД и од ЕУ за тоа дали земјата е подготвена за избори – рече Груевски.

И додека Заев и Груевски ја усложнуваа работата, кога сите мислеа дека решението е најдено, во меѓупросторот, со изјава се јави и американскиот амбасадор, Џес Бејли.

Тој го поздрави одложувањето на изборите и со дипломатска изјава остави простор за интерпретации од секаков вид, особено во врска со реформите во медиумите:

  – Реформите во медиумите, слободата на медиумите остануваат многу важен дел не само за време на изборите туку и од итните реформски приоритети на Европската унија. Како медиумите и медиумската сфера ќе бидат оценети, зависи од тоа како сите вие ќе ги покривате овие многу важни избори. Сите вие потпишавте Етички кодекс за тоа како ќе известувате за избрите и мислам, на крајот, сепак најважно ќе биде како самите вие ќе ја извршувате вашата работа и ќе им помогнете на македонските граѓани да бидат информирани и да ја согледаат целосната различност на гледиштата – рече Бејли.

Не докрај експлицитни беа тројцата европратеници, од чија изјава се наѕира не баш изедначениот став на ЕУ и на САД околу медиумската сфера.

Иво Вајгл, Ричард Ховит и Едвард Кукан го поздравија гласањето на Собранието преку соопштение во кое се вели:

„Не постои скратен пат и нема алтернатива за Договорот од Пржино и ги повикуваме политичките партии да постигнат консензус за овие реформи, како единствен начин да се обезбеди патот на земјата кон евроатлантска интеграција и европска перспектива.“

Поддршка за партиите на патот на реформите даде и еврокомесарот за проширување и за соседска политика, Јоханес Хан, кој преку својот твитер-профил соопшти дека Договорот од Пржино е жив и дека сите партии мораат да се ангажираат за на 5 јуни да има веродостојни избори.

„Сите партии мора целосно да се ангажираат, да помогнат да се подготват веродостојни избори и да ги спроведат реформските приоритети, вклучително и реформите за медиумите. “

 

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Почина Велибор Џаровски – Џаро

По кусо боледување, денеска на 75 години почина Велибор Џаровски-Џаро, еден од најпознатите менаџери на просторите на бивша Југославија. Здравко Чолиќ, Мишо Ковач, Маја Оџаклиевска, Оливер Драгојевиќ, „Бијело дугме“, Тереза...