Поезија на Урошевиќ претставена на Саемот за книга во Солун


       
Солун, 14 мај, 2016 - 10:49 (META) 

Солунските љубители на литературата имаа можност да се запознаат со македонското современо литературно творештво и култура на 13. Меѓународен саем на книгата во Солун, кој се одржува од 12 до 15 мај. На саемот има посебен македонски штанд, на кој се изложени книжевни дела што го претставуваат современото македонско творештво, монографии и научни дела за македонската култура и традиција. Покрај штандот, грчката и меѓународната публика можеа одблиску да се запознаат и да слушнат за поетското творештво на академик Влада Урошевиќ, кој одржа поетско читање на македонски јазик, како и да слушнат говор на професорката од Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“, Вера Стојчевска-Антиќ, за ликот и за делото на св. Климент.

Поетското читање на Урошевиќ беше инспирирано од првиот превод на дел од неговата поезија и проза на грчки јазик, објавен во грчкото литературното списание „Енекен“. Ова е прв превод на Урошевиќ на грчки, кој повеќепати се има претставувано пред грчката публика во Атина и во Солун. На саемот за неговите дела и за значајноста на неговата поезија говореа грчкиот издавач на списанието „Енекен“, Јоргос Јанопулос, и професорот и писател Владимир Мартиновски. Урошевиќ читаше неколку свои поеми на македонски јазик и говореше за соработката меѓу двете земји.
Во разговор со „Мета“, Урошевиќ изрази задоволство од претставувањето на саемот и од иницијативата да бидат преведени негови дела на грчки јазик.

– На саемот на книгата во Солун се одржа едночасовна книжевна вечер посветена на мојата поезија. Тоа беше по повод објавувањето на мои песни во солунското книжевно списание „Енекен“. Овој број на списанието, кој излезе пред 2-3 дена, има блок кој е посветен на моето творештво, има еден мој текст, досега непечатен, „Европо, што може поезијата“, потоа има извесен број мои песни. Тие песни се илустрирани со мои колажи, а потоа има и еден мошне убав текст од Владимир Мартиновски за мојата поезија. Мислам дека е ова еден убав пробив во грчките книжевни списанија и се надеваме дека оваа соработка ќе продолжи, треба да најдеме начини да ја прошириме и да ја зацврстиме – вели Урошевиќ за „Мета“.

Издавачот на „Енекен“, Јанопулос, вели дека случајно наишол на делата на Урошевиќ во француско литературно списание и бил воодушевен од неговото творештво. Смета дека поезијата на Урошевиќ има голема универзална важност поради што е неопходно и грчката публика да се запознае со него.

– Го одбрав Урошевиќ врз основа на исклучителниот квалитет на делата. Имав среќа да наидам на француско
издание на неговите дела. Неговата поезија е одлична, долго време немав прочитано нешто толку важно и исклучително и тоа беше фактор кој ме натера да го преведам на грчки јазик, за и читателите да го запознаат овој голем поет. Важно е да се запознае неговата литературна работа бидејќи Урошевиќ има многу важна културна приказна – вели Јанопулос за „Мета“.
Како што вели Јанопулос, овој превод и културната соработка воопшто помагаат за подобро разбирање и за запознавање меѓу двата народи. Културата и културните дејци, според него, имаат должност да ги урнат ѕидовите и оградите кренати меѓу народите.

Публиката на македонскиот штанд имаше можност да слушне и две излагања на грчки и на македонски јазик по повод 1.100-годишнината од јубилејот за св. Климент. За животот и за делото на св. Климент говореа професорката Стојчевска-Антиќ и грчкиот професор на Теолошкиот факултет од Универзитетот „Аристотел“, Христос Арабаѕис. Стојчевска-Антиќ, која втора година учествува на саемот, а пред неколку месеци имаше и свое предавање на македонски на Солунскиот универзитет „Македониа“, изрази задоволство што веќе се развива соработка со грчките колеги.

– Втора година учествувам на меѓународниот саем на книгата во Солун и можам да го изразам своето воодушевување дека имаме еднакво ист третман со сите излагачи кои се толку многубројни, има богата програма, се одвива во многу сали и можам да кажам дека оваа година, по повод 1.100-годишнината од јубилејот на св. Климент Охридски, бев замолена како професор од таа област да одржам предавање на овој саем за св. Климент Охридски и за неговото дело. Салата во која предавав беше преполна со луѓе, љубопитни да слушнат за св. Климент Охридски и можам да го изразам своето задоволство што јубилејот за св. Климент Охридски, кој свечено ќе се прослави оваа година и во Скопје и низ цела Македонија, го почнав со еден убав ден во самиот град Солун, пред бројна публика, и странска и грчка и наша – вели Стојчевска-Антиќ.

Македонскиот штанд на саемот е во организација на Генералниот конзулат на Македонија во Солун и на покана на грчката Фондација за култура. Ова е втора година како нашата земја, култура и литература се претставуваат на солунскиот саем на книгата.