fbpx

Поддршка на заштитата на Охридско Езеро од Меѓународното лимнолошко друштво

-

Во последното издание на билтенот на Меѓународното лимнолошко друштво (МЛД), од јуни 2015 година, невладината иницијатива „Охрид СОС“ се претстави со свој прилог посветен на заштитата на Охридско Езеро.

Во текстот, покрај актуализацијата на постојната еколошка закана врз Охридско Езеро и непроценливата важност на неговата биолошка разновидност, „Охрид СОС“ посочи и на потребата од нова визија во развојот на туризмот.

Во тој контекст беше упатен повик до лимнолошката заедница за активна поддршка и за учество во заштитата на Охридско Езеро, како и во трансформирањето на охридскиот регион во центар за еколошки и за едукативен туризам и за научно истражување.

Во истиот, 66. број на билтенот, во своето воведно обраќање, претседателот на МЛД, Ив Прери, директно повикува на заштита на Охридско Езеро.

-Уште од самите почетоци, „Охрид СОС“ почна кампања за запознавање на меѓународната научна јавност со неизбежната закана од еколошка катастрофа, која би се случила како резултат на најавените урбанистички проекти во Студенчишкото блато, на самиот брег на езерото или во негова непосредна близина. За таа цел, „Охрид СОС“ има изработено и декларација за зачувување на природното и културното наследство на Охрид во соработка со повеќе крајбрежни месни заедници – информираат од граѓанската иницијатива „Охрид СОС“.

Оттаму велат дека контактите со МЛД ги користат како дел од напорите на „Охрид СОС“ да го зголеми притисокот од меѓународната јавност врз носителите на одлуки во Република Македонија.

МЛД е научна заедница со стогодишна традиција и со речиси 3.000 членови од 84 земји, која е посветена не само на научното истражување, туку работи и на промовирање на подобро разбирање на водите за да поттикне разумно управување со нив и заштита на овие разновидни еко-системи.

МЛД го издава списанието „Инланд вотерс“ (Inland Waters -Копнени води) кое е едно од најважните научни списанија во областа на лимнологијата – наука што се занимава со изучување на копнените води, како што се езерата, реките, мочуриштата, подземните води – класифицирани како еколошки системи меѓу водените базени и атмосферата.

– За МЛД, Охридско Езеро е едно од малубројните древни езера на планетата со непроценлива еволуционистичка важност и поради ова друштвото излезе со непосредна поддршка. Прво, преку директно информирање на своето членство за повикот на „Охрид СОС“ за поддршка на декларацијата и, второ, преку повикот за подготвување научни трудови во кои ќе се елаборира еколошката закана по езерото, со што ја информираше светската научната лимнолошка заедница за опасноста што го демне езерото – појаснуваат активистите од „Охрид СОС“.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Украинската одбрана соборила 84 руски воздушни цели

Ноќеска Русија изврши уште еден масовен воздушен напад врз украински објекти за гориво и енергија, соопшти украинската одбрана. Непријателот ја нападнал Украина со 60 беспилотни летала Шахед и 39 проектили...