Почна молкот пред референдумот, право на глас имаат 1.806.336 гласачи


       
Скопје, 28 септември, 2018 - 9:50 (META) 

На полноќ заврши јавната кампања и започна 48-часовниот молк пред референдумот што ќе се одржи задутре, недела, 30 септември.

Според одлуката донесена од страна на Собранието на Република Македонија, прашањето за референдумот ќе гласи: „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО, со прифаќање на договорот на Република Македонија и Република Грција?“

Право на глас на плебисцитарното изјаснување в недела имаат 1.806.336 гласачи, запишани во Избирачки список. Гласачките места на 30 септември ќе бидат отворени од 7 часот до 19 часот.

Утре ќе гласаат болните, изнемоштените, лицата во домашен притвор, затворениците, како и државјаните на Република Македонија во странство.

Референдумот ќе го надгледуваат околу 12 илјади домашни и речиси 500 странски набљудувачи.

За референдумот на 30 септември за гласање се пријавени 1.859 болни и немоќни лица во 69 од 80 општини. На локалните избори во 2017 година за гласање биле пријавени над 5.400 болни и изнемоштени лица.