fbpx

Почна гласањето на референдумот, право на глас имаат 1.806.336 гласачи

-

Утринава започна гласањето на референдумот на кој, според одлуката донесена од страна на Собранието, прашањето на кое ќе се изјаснат граѓаните гласи: „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО, со прифаќање на договорот на Република Македонија и Република Грција?“.

Гласањето се одвива непречено, освен со неколкуминутно задоцнување на три гласачки места во Прилеп и едно во Чучер Сандево заради отстранување пропаганден материјал.

Референдумот ќе биде консултативен, a право на глас имаат 1.806.336 гласачи, кои се запишани во Избирачкиот список, кој беше заклучен на 10 септември. Гласачките места ќе бидат отворени до 19 часот. Референдумот се спроведува на 3.480 избирачки места во 80 општини во земјата.

Избирачкиот одбор по завршувањето на гласањето веднаш ги сумира резултатите од гласањето на гласачкото место и составува записник кој заедно со целиот гласачки материјал во рок од три часа го доставува до општинската изборна комисија која го сумира резултатот од гласањето на избирачките места од своето подрачје.

Записникот и целокупниот гласачки материјал општинската изборна комисија во рок од 12 часа од приемот од избирачките одбори го доставува до Државната изборна комисија.

ДИК, пак, по приемот на записниците и целокупниот гласачки материјал од општинските изборни комисии во рок од 24 часа го утврдува и го објавува резултатот од гласањето на референдум на државно ниво. Потоа изготвува извештај за вкупниот број граѓани запишани во Избирачкиот список, вкупниот број граѓани што гласале, вкупниот број неупотребени гласачки ливчиња, бројот на неважечки и важечки гласачки ливчиња, бројката на граѓани што гласале „за“, оние што гласале „против“ и, конечно, резултатите од референдумот.

Резултатот од гласањето на референдумот ДИК го објавува во „Службен весник“ во рок од 15 дена од одржувањето на референдумот.

Референдумското прашање први го одговорија членовите на избирачките одбори кои отпатуваа кај нашинците во странство.

Молкот започна 48 часа пред гласањето и ќе заврши со затворањето на гласачките места денеска во 19 часот. За време на молкот престануваат сите облици на јавна пропаганда поврзана со референдумот.

Процесот на изјаснување на граѓаните на Република Македонија за референдумското прашање ќе го следат рекорден број домашни и странски набљудувачи. Официјалната бројка од ДИК на акредитирани домашни набљудувачи е 11.907, на странските набљудувачи е 493, а меѓународните организации акредитирале и 194 преведувачи.

Најмногу набљудувачи акредитирало Здружението за граѓански политики и иницијативи 5.574, потоа Сојузот на Здруженија на граѓани Македонска платформа против сиромаштија 3.736, НОВ МОСТ 1.882, Цивил – Центарот за слобода 307.

Референдумот во недела ќе го набљудуваат 197 монитори на мисијата на ОБСЕ/ОДИХР, а тие акредитирале и 129 преведувачи.

Покрај домашни, референдумот ќе го следат и странски новинари. ДИК акредитирала 83 новинари од 32 медиума, но, како што информираат оттаму, неколкумина новинари биле одбиени поради тоа што доставиле барање за акредитации по истекот рокот кој заврши на 24 септември на полноќ.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Деновите од изборите ќе се одработат, учениците подолго ќе престојуваат во училиште

Министерството за образование и наука информира дека наставата од деновите на гласање - 24 април и 8 мај, како и од 30 ноември кога беше организиран Самитот на ОБСЕ...