!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Почина кинескиот нобеловец и дисидент Лју Сјаобо


       
Пекинг, 13 јули, 2017 - 20:26 (META) 

Кинескиот добитник на Нобеловата награда за мир и дисидент, Лју Сјаобо, почина на 61-годишна возраст, соопштија денеска властите во кинеската провинција Лиаонинг, каде Сјаобо беше хоспитализиран поради рак на црниот дроб.

Како што пренесуваат светските агенции, кинеската правосудна канцеларија соопштила дека нобеловецот починал три дена откако бил префрлен на интензивна нега поради откажување на повеќе органи.

Сјаобо кон крајот на мај оваа година беше префрлен од затвор во болница, откако му беше дијагностициран рак на црниот дроб во терминална фаза.

Кинеските власти, како што наведуваат странските агенции, ги одбиле бројните повици на групите за човекови права и на странски влади, да овозможат негово лекување во странство, наведувајќи дека Сјаобо го лечат најдобрите кинески лекари.

Лју Сјаобо, кој беше најпознатиот политички затвореник во Кина, беше уапсен во 2009 година поради наводна вмешаност во активности за уривање на кинеската влада. Тој беше осуден на затворска казна од 11 години.

Нобеловиот комитет на 8 октомври 2010 година го објави неговото име како добитник на Нобеловата награда за мир за 2010 година, со образложение дека наградата му се доделува за „долгата и ненасилна борба за основните човекови права во Кина“.