Почина американскиот сенатор и воен херој Џон Мекејн


       
Вашингтон, 26 август, 2018 - 14:01 (META) 

Вчера во неговиот дом во Корнвил, Аризона, почина американскиот воен херој и политичар Џон Мекејн (81), објави неговото семејство. Мекејн, кој служеше како шест кратен републикански сенатор од Аризона, подолго време боледуваше од рак на мозокот и пред неколку дена најави дека го прекинува третманот.

Сопругата Синди Мекејн пиша на Твитер: „Моето срце е скршено. Имав среќа што во тек на цели 38 години ја проживеав авантурата на љубов со овој неверојатен човек. Тој замина како што и живееше, под негови услови, опкружен со луѓето кои ги љубеше, во неговото најсакано место.“

Во текот на војната во Виетнам Мекејн како воен пилот бил соборен и поминал 5 и пол години како воен заробеник (1967-73) во самица и под тортура. Како син на адмирал му бил понуден повластен третман и пуштање, но тој ги одбил барајќи прво да бидат пуштени соборците кои биле заробени пред него. По 20 години во морнарицата, Мекејн имаше долга политичка кариера со особен фокус на безбедноста, при што два пати беше и кандидат за претседател на САД. Како еден од највлијателните републикански сенатори, Мекејн својата политичка кариера ја темелеше принципи поради кои не се колебаше да гласа и против ставовите на мнозинството на неговата партија, како и јавно да опонира на ставовите на републиканскиот претседател Доналд Трамп. Мекејн до самиот крај на животот беше политички активен и се спротивставуваше на ширењето на непријателското влијание на Кремљ, посетувајќи ги Грузија и Украина знак на поддршка и укажувајќи и дека скандалот со хакирање на изборите претставува акт на агресија. Мекејн се залагаше и за влез на Македонија во НАТО и во април 2018 година Мекејн одржа средба и со вицепремиерката на Република Македонија Радмила Шекеринска при нејзината посета на Вашингтон. На 13 јуни, по потпишувањето на Договорот од Преспа, тој испрати порака на целосна поддршка до премиерите Ципрас и Заев за нивната работа на решавањето на спорот со името. „Ако продолжат да покажуваат државничка храброст, резултатот ќе биде поголема безбедност и просперитет и за нивните земји и за регионот,“ тогаш изјави Мекејн.

Објавата за прекин на лекувањето на интернет предизвика лавина на изрази на поддршка и надеж од пријателите на Мекејн. Еден од нив беше и сопартиецот Арнолд Шварценегер, филмска ѕвезда и бивш гувернер на Калифорнија, кој објави порака до „еден од најголемите борци во историјата на нашата земја“:

„Верувам дека на луѓето треба да им се каже  што ви значат пред да им кажете збогум, па затоа сенаторе Мекејн, ви велам: Благодарам! Ви благодарам од сѐ срце за Вашата посветеност на нашата земја, Вашата инспирација и Вашето пријателство.“

Почитувачите на Мекејн го истакнуваат неговиот интегритет и достоинство преку споделување примери од неговата долга кариера. Меѓу нив се истакнува моментот кога одбива да прифати напади на лична основа кон неговиот противкандидат Обама од страна на сопствена поддржувачка и учтиво ја замолчува со „тој е пристоен семеен човек, граѓанин со кого се погодило дека јас имам несогласувања за фундаментални прашања. Само тоа е поентата на оваа кампања.“