fbpx

Почина академик Блаже Ристовски

-

На 87 годишна возраст почина академик Блаже Ристовски, редовен член на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ).

Роден е на 21 март 1931 година во кавадаречкото село Гарниково. Дипломирал на Филозофскиот факултет во Скопје (на Групата за литература на народите на СФРЈ и македонски јазик), а по одбраната на докторската дисертација „Крсте П. Мисирков – живот и делото“ (1965), бил избран за директор на Институтот за фолклор во Скопје. Како научен советник, преминува во Институтот за национална историја (1977-1991) каде што раководел со тимот за културната историја и со Балканолошкото одделение, а до пензионирањето работи како научен советник во Институтот за старословенска култура во Прилеп (1993-1995).

Академик Ристовски го посвети целиот свој работен век како неуморен и многу плоден истражувач на македонската литература, на јазичната и националната историја, на фолклорот, на појавата и развитокот на македонскиот народ и македонската национална мисла, кои се објавени во голем број книги. Неговиот научноистражувачки интерес беше насочен кон истражување и афирмација на националните дејци од 19. и 20. век – Крсте П. Мисирков, Димитрија Чуповски, Ѓорѓија Пулевски, Петар Драганов, Марко Цепенков, Кочо Рацин, Васил Икономов, Наце Димов и други. Објавил над 800 статии и други прилози во разни списанија и зборници на трудови во земјата и во странство. Собраните дела на Крсте Мисирков претставуваат еден од најзначајните проекти на академик Блаже Ристовски во Македонската академија на науките и уметностите.

Академик Блаже Ристовски бил член на редакциите на списанијата „Etnologia Slavica” (Братислава), „Demos” (Берлин), „Погледи“, „Современост“, Гласник на Институтот за национална историја (Скопје) и други. Бил претседател на Здружението на фолклористите на Македонија, на Сојузот на здруженијата на фолклористите на Југославија, потпретседател на Одборот на Балканскиот фестивал на народни песни и игри во Охрид (1967), член на Републичката комисија за културни врски со странство, претседател на Советот на Филозофско-историскиот факултет во Скопје.

Од 1991 до 1992 година, Ристовски ја вршеше функцијата потпретседател на првата Влада на самостојна Република Македонија.

За дописен член на Македонската академија на науките и уметностите е избран на 7 октомври 1988 година, а за редовен член на 20 јуни 1996 година. Беше научен секретар на МАНУ од 1999 до 2002 година, а во периодот од 2011 до 2015 година беше секретар на Одделението за лингвистика и литературна наука.

Погребот на академик Блаже Ристовски ќе се изврши на Градските гробишта „Бутел“ во Скопје утре, во 13 часот, а посмртните останки ќе бидат изложени во Капелата од 12 до 13 часот.

Утре во 10.30 часот во Свечената сала на Македонската академија на науките и уметностите ќе се одржи комеморативна седница.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Бесплатно демо за платформската игра „Бласфемос“

На Steam може да се симне бесплатно демо од играта Blasphemous. Станува збор за платформска игра за возрасни која функционира како Souls игра, а естетски наликува на старата добра...