fbpx

По урнатиот авион во село Кожле трагале 170 полицајци

-

Педесет полицајци со 10 моторни возила од Единицата за специјални задачи и 120 полицајци со 15 моторни возила од Единицата за брзо распоредување трагале по авионот што вчера се урна во близина на селото Кожле, информираат од МВР.

Во соопштението од полицијата се вели дека службените лица на терен излегле веднаш во 18.45 часот, по известување од жител на селото кој во СВР Велес пријавил дека слушнал експлозија.

Откако бил пронајден авионот, полициски службеници од Единицата за брзо распоредување го обезбедиле местото на настанот и известиле јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје, кој излегол на местото на настанот и направил увид. Како што информираат од МВР, поради немање услови за работа, увидот продолжил денеска.

„На 6 септември 2016 година, во 17.36 часот, дежурен полициски службеник од регионалниот центар за гранични работи Север, во Единицата за известување и команда при СВР Скопје пријавил дека од аеродромот „Александар Велики“ на 10 километри кон Велес се изгубил комерцијален авион со шест патници во него. Според првичните информации од контролата на летање, известено е дека авионот бил приватен, од типот „пајпер па 34 “ со германски регистарски ознаки и дека полетал од Тревизо, Република Италија, а крајната дестинација му била Приштина. Над Република Македонија требало да изврши прелет и бил пријавен на аеродромот „Александар Велики“ во Скопје за дополнување гориво. Околу 18.45 часот телефонски од СВР-Велес е добиена информација дека жител од селото Кожле пријавил во СВР Велес дека во атар на селото, општина Петровец-Скопје, слушнал експлозија, по што, околу 20 часот, полициски службеници од полициската станица Петровец и жители од Кожле ги пронашле остатоците од авионот на место Јеловица во атарот на селото. Од извршениот преглед на терен пронајдени се делови од авионот и тоа крило со една гума, метална електронска кутија, два мобилни телефони, карти за патување и една италијанска патна исправа“, пишува во соопштението.

Во текот на ноќта била формирана стручна екипа составена од јавен обвинител, претставници од Судска медицина, истражители од Комитет за истражување на воздухопловни несреќи и сериозни инциденти, како и полициски службеници од Оддел за криминалистичко-технички испитувања и вештачења на МВР, единицата за увид при СВР Скопје, УПС од СВР Скопје, Единица за насилен криминал, Одделение за крвни и сексуални деликти, потраги и ЦПС. Во 6 часот наутро екипата се упатила кон местото на незгодата за да ги продолжи активностите за обезбедување на местото на настанот, вршење увид и идентификација на починатите лица, како и обезбедување докази за причините за авионската незгода и за смртта на патниците.

„Утринава екипите кои се упатени на местото на настанот, поради лошите теренски услови, во 10 часот пристигнале, а во 10.30 часот почнале со обезбедување на локациите за крим-техничко одбележување на трагите. Министерството за внатрешни работи во координација со другите надлежни институции презема мерки и активности за утврдување на сите поединости околу авионската несреќа и целосно документирање на настанот“, наведено е во соопштението на МВР.

Во авионската несреќа животот го загубија шест лица, од кои пет мажи и една жена.

Како што објавија италијанските медиуми, авионот го управувал пилотот Франческо Монтањер, претседател на аероклубот во Тревизо, а во него биле уште потпретседателот на клубот Дарио Бастасин, како и Лука Дале Муле, Италијанката Илариа Берти, Ангело Калегари и Косовецот со италијански пасош Висар Бегај.

Според рутата, авионот требало од Тревизо да слета во Скопје за да наполни гориво, а потоа да се упати кон Приштина, но два километра пред пистата леталото се губи од радарот.

Засега нема информации што довело до падот на авионот.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Фотографија од Макрон е креирана со вештачка интелигенција

Ако внимателно ја набљудувате фотографијата на Емануел Макрон, забележливо е дека е создадена од вештачка интелигенција. На пример, претседателот на Франција има неприродно долги прсти на десната рака, а...