This page was exported from Meta.mk [ http://meta.mk ]
Export date: Sat Aug 18 11:54:03 2018 / +0000 GMT

По светските фестивали, „Исцелител“ повторно во кината низ Македонија




По шестмесечната успешна фестивалска турнеја на филмот „Исцелител“ на младиот Ѓорче Ставрески на светските филмски фестивали, филмот повторно ќе се прикажува во киното „Синеплекс“ во Скопје, а ќе биде и на репертоарот на МКЦ „Козјак“ во Куманово и во Домот на млади во Штип.

„Исцелител“ од својата премиера на 9 ноември досега, за само шест месеци, се прикажуваше на 23 светски филмски фестивали, од кои два беа од А категорија. Филмот освои 9 меѓународни награди, меѓу кои 5 беа за најдобар филм. Истовремено, некои од најугледните светски списанија за филм објавија одлични рецензии за него.

„Исцелител“ е прв македонски филм добитник на награда на филмскиот фестивал во Солун во 58 годишното постоење на фестивалот. Тој е добитник и на наградите за најдобар филм во Санта Барбара, САД; Бергамо Филм Митинг, Италија; Филмскиот фестивал во Обањ, Франција и на фестивалот Let's CEE во Виена.

„Исцелител“ беше прикажан на три филмски фестивали во САД, исто толку во Индија, на најголемиот фестивал во Иран, на еден од најголемите фестивали во Кина, на фестивал во Колумбија, на престижниот „Црни ноќи“ во Естонија и на многу други европски филмски фестивали.

Скопската премиера на „Исцелител“ беше на 19 ноември 2017 на затворањето на „Синедејс“ а од 20 ноември до 12 февруари се прикажуваше во кината Милениум и Синеплекс, филмот беше прикажан и во склоп на „Контра кадар“ и „Академска сцена“ во кино „Култура“ и на ФДУ.

Освен во Скопје филмот се прикажуваше во Битола, Штип, Кочани и Кичево. Во кината низ Македонија, „Исцелител“ во првиот турнус прикажување го гледаа повеќе од 12.000 гледачи.

Во Синеплекс во Скопје „Исцелител“ започнува да се прикажува в четврток, во МКЦ „Козјак“, Куманово на 17 мај, а во летното кино на Домот на млади во Штип, филмот ќе биде прикажана во последниот викенд од мај.

Post date: 2018-05-08 12:13:16
Post date GMT: 2018-05-08 10:13:16
Post modified date: 2018-05-08 12:34:02
Post modified date GMT: 2018-05-08 10:34:02

Powered by [ Universal Post Manager ] plugin. MS Word saving format developed by gVectors Team www.gVectors.com