По четирите големи, во Скопје ќе се гради уште еден гигантски трговски центар


       
Скопје, 25 октомври, 2017 - 16:09 (META) 

Додека класичните трговски центри „Веро центар“, „Рамстор мол“, „Сити мол“, „Капитол мол“ и „Зебра“ работат со речиси пополнет капацитет, односно има многу малку локали и отворени простори што не работат, речиси сите други големи и помали трговски центри во Скопје работат со одвај половина капацитет. Сликата што се добива кога ќе прошетате на сите нивоа на ГТЦ, во трговските центри „Лептокарија“, „Бисер“, „Буњаковец“, „Беверли хилс“, „Порта Влае“, „Козле“, „Олимпико“ и многу помали на целата територија на Скопје, е дека од вкупниот простор за издавање, во функција се само 30 до 40 отсто.

Во такви околности со трговските објекти во главниот град, силно внимание предизвика објавата на албанската компанија „Балфин груп“, која го изгради и до пред една година стопанисуваше со „Сити мол“, а потоа го продаде на британска компанија, дека планира да гради нов трговски центар, преку својата фирма – ќерка „Скопје ист гејт“. Тој би се градел кај Скопски саем, во рамките на голем деловно-станбен комплекс со вкупна површина од 250.000 квадратни метри.

Во соопштението за јавноста објавено на веб-страницата на компанијата се вели дека новиот трговски центар би имал 45.000 квадратни метри бруто-површина за издавање на две нивоа, со што ќе биде поголем дури и од сега најголемиот – „Сити Мол“, кој има 39.000 квадратни метри бруто-простор за издавање, односно вкупно 90.000 квадрати. ГТЦ има вкупен простор од 114.000 квадратни метри, а „Веро центар“ – 40.000 квадратни метри.

„Балфин груп“ во соопштението за јавноста вели дека сепак има разумна основа за градење уште еден трговски центар.

„Земајќи го предвид успехот на „Сити мол“ и силната желба на трговците да се прошират во Македонија, беше решено дека уште еден трговски центар во Македонија претставува разумна инвестиција. Финансирањето на ваков голем и значаен проект ќе го обезбедат акционерите на „Скопје ист гејт“ во соработка со локални и со странски финансиски институции“, се вели во соопштението.

Трговскиот центар што „Балфин груп“ го планира, покрај просторот за издавање, би имал и подземно паркиралиште со 2.500 места за возила. Би требало да почне да се гради следната година. Компанијата се изјасни дека проектот е разумен. За да се види дали е така и дали ќе успее да ги помати сметките на постојните трговски центри, ќе треба да се почека да се изгради, а потоа и да профункционира.