!На 1 февруари 2017 година, заврши промотивниот период на слободно користење на содржините на „Мета“. Во периодот што претстои го воведуваме новиот систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително

Пломп: Ако СЈО не го спроведе тоа за што е формирано, нема да има крај на кризата


       
Скопје, 30 март, 2017 - 11:58 (META) 

Холандскиот амбасадор Ваутер Пломп синоќа во емисијата „Фактор 24“ на ТВ24 изјави дека целиот процес од Пржино ќе биде залуден ако Специјалното јавно обвинителство не ги истражи сериозните наводи за корупција и за криминал што произлегоа од прислушуваните разговори.

– Специјалното обвинителство е основано токму за темелно да ги истражи тие наводи и да ги изведе пред правдата. Ова што го гледаме во последните месеци или година, е токму она што беше опишано од извештајот на Стејт департментот, во кој се вели дека е јасно дека постои координирана кампања за намалување на кредибилноста и на професионализмот на СЈО. Тоа е сериозно. Зашто ако СЈО не може да го спроведе тоа за што е основано, темелно да ги истражи наводите, тогаш се чини дека целиот процес од Пржино е залуден. Така што, освен ако СЈО не го спроведе тоа за што е формирано, нема да има крај на оваа криза. Мислам дека е важно тимот на СЈО да продолжи со работа сè додека е неопходно. Секако, Собранието е тоа што треба да одлучи за мандатот, но пред сè, на институцијата треба да ѝ се овозможи да ја продолжи својата работа, да не биде попречувана од други институции – рече Пломп.

Холандскиот амбасадор истакна дека е многу опасно да се користат меѓуетничките тензии за да се одвлече политичкото внимание.

– Меѓуетничките односи можат да бидат чувствителни, а Македонија не е единствената земја каде тоа е случај. Во такви случаи политичарите мора да бидат многу внимателни каков јазик ќе користат. Тоа е главната порака на Ламберто Зениер. Општо гледано, сметам дека треба внимателно да размислиме што ја предизвика кризата пред две години. Голем напредок за решавање на кризата се направи врз основа на Договорот од Пржино, но да не заборавиме како почна. Почна поради неказнивоста и поради недостиг од одговорност. Сè додека тоа не се реши, нема да има крај на кризата – вели Пломп.

Според холандскиот амбасадор, најбрз начин за излез од кризата е формирање нова влада.

– Без разлика дали доаѓа од ЕУ, НАТО, САД или од ОБСЕ, пораката е многу јасна – формирањето влада врз основа на резултатите од изборите е најбрз начин за излегување од кризата. Изборите не се само за победување, туку и за формирање коалиции. На крајот, се работи за мнозинска коалиција која ќе мора да формира нова влада. Новата влада треба да биде формирана врз основа на резултатите од изборите од 11 декември и да почне да спроведува реформи – вели Пломп.

Тој изјави дека е разочаран од монологот што се одвива со Собранието и порача дека тоа е место каде треба да се води дијалог.