!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Плаќање со поезија по повод Светскиот ден на поезијата


       
Скопје, 18 март, 2016 - 17:19 (META) 

Македонија, по повод Светскиот ден на поезијата, в понеделник вторпат ќе приклучи на глобалната кампања на Јулиус Мајнл, „Плати со поезија“.

„Нурнете длабоко во себеси и споделете ги вашите чувства. Испијте го вашето кафе на Денот на поезијата и учествувајте во големата глобална кампања што се одржува насекаде низ светот, а платете со валута која е многу повредна и подобра од парите… вашите емоции. Поезијата може да го направи светот подобар. Поезијата е многу повеќе од зборови на прашливо парче хартија. Поезијата е акција, поезијата може да ви ги отвори нашите очи за општествените вистини, може да ги предизвика наследниот систем на вредности и може да ги поврзе нашите срца со она што навистина е битно“, се вели во видеопораката со која се најавува глобалната кампања „Плати со поезија“ во која учествуваат познати поети од секоја од земјите каде што се спроведува акцијата.

Скопје вторпат е дел од мрежата на повеќе од 30 градови во светот каде граѓаните можат да испијат кафе или чај и за нив да платат со поема. Минатата година се собраа повеќе од 600 парчиња поезија, кои освен на македонски и на албански, беа пишувани и на бугарски, турски, руски, германски, српски и на англиски јазик.

Годинава љубители на доброто кафе, вкусните чајни ароми и на убавиот пишан збор се добредојдени во „Венето“ во „Скопје Сити мол“, „Паладиум“ во „Капиштец“, „Наргиле“ во чаршија, „Дион“ на кеј и во „Баду“ во „Порта Влае“ да го испијат своето кафе или чај и за нив да платат со поезија, а притоа имаат шанса да се дружат со реномирани поети од нашата земја.

Македонските поети Дарко Лешоски, Стефан Марковски, Марта Маркоска, Јован Илиевски, Ксенија Николова, Наим Илијази, Драгана Ефтимова, Мартин Богатиноски, Ана Голејшка, Љубица Шопова, Билјана Стојановска и Слаѓана Атанасова се само дел од поетите што се вклучени во кампањата „Плати со поезија“ и кои ќе ги оценуваат творечките дела на граѓаните, а за поемите граѓаните ќе добијат и награди.