!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Пешевски, Наумоф, Самак на државата ѝ должат 300.000 евра за телефонски сметки


       
Скопје, 29 септември, 2017 - 10:31 (META) 

Поранешните министри во владата на ВМРО-ДПМНЕ, Владимир Пешевски, Горан Мицковски, Џери Наумоф, Веле Самак и Бил Павлески на државата ѝ должат 300.000 евра за пречекорен лимит на службените телефони, вели генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски, за порталот СДК.

Рекордер во надминување на лимитот на службениот мобилен, за овие два месеца бил ексминистерот Џери Наумоф, кој според извештаите за направените сметки, ја пречекорил дозволената сметка за 259.580 денари.

– Наумоф два месеца не зеде апанажа, зашто морав да му одбијам за јули и за август по 51.916 денари за пречекорена телефонска сметка. Бидејќи остануваат за одбивање уште 155.748 денари, што е околу три наредни цели апанажи (за септември, октомври и за ноември), Наумоф се откажа од апанажата – вели Рашковски.

И Бил Павлески два месеца немал земено апанажа, но неговиот долг бил расчистен. За септември, ќе го земе целиот износ.

Освен на министрите без ресор, генералниот секретар на влада му скратил и на поранешниот вицепремиер Владимир Пешевски од апанажата за јуни, јули и за август вкупно 20.148 денари, за колку што го пречекорил лимитот на службениот мобилен телефон во мај и во април, пред да ја напушти функцијата.

Од апанажата за јули, Рашковски му скратил 8.926 денари и на поранешниот генерален секретар на Владата, Кирил Божиновски, кој го пречекорил ограничувањето на сметката на службениот телефон за оваа сума. Рашковски против овие петмина поранешни министри поднел пријава до МВР и бара од нив парите да ги вратат назад во буџетот.

Александар Никовски, син на поранешниот дипломат Ристо Никовски, бара од Владата да му исплати хонорар како советник на експремиерот Никола Груевски, за мај, јуни и за јули 2017 година во износ од 9.000 евра и да му рефундира трошоци за службено патување во мај годинава од 450 евра, но Рашковски вели дека парите нема да му бидат исплатени.

– Нема да му бидат исплатени тие 3.000 евра за јуни и секако за јули. Нека тужи, судот ќе каже дали се плаќа за неодење на работа. За две години потрошил 60.000 евра само за патување. Дополнително му биле исплаќани секој месец по 3.000 евра хонорар, две години. По 20-30.000 денари Владата му плаќала и сметки во ресторани – вели Рашковски.