fbpx

Перспективите на Општина Дебрца, македонскиот Неум

-

Општина Дебарца, според територијата (425, 39 километри квадратни) е една од поголемите во земјата. На исток почнува од превојот Пресека, се граничи со Кичево. На југоисток се граничи со Демир Хисар, на северозапад со Струга, додека на запад со општина Охрид. Со еден мал тесен појас, допира до Охридско Езеро, што на шегаџиите им даде за повод да ја споредат со босанското градче Неум, кое излегува на Јадранско Море. Споредбите зачестија откако градоначалникот на Дебрца, Игор Трајкоски, објави дека на „својот дел“ од Охридско Езеро, ќе гради модерна, футуристичко-монденска плажа во близина на аеродромот „Свети Апостол Павле“! Мајтапчиите потсетија дека Општина Дебрца се избори „за излез на море“, при последната територијална кројка, кога премиер беше Бранко Црвенкоски – по потекло од оваа општина. Кон неа беше припоена Општината Мешеишта, додека селото Белчишта беше одредено за административен центар.

Според бројот на населението, официјално 5.500 според последниот попис, а реално многу помалу, општина Дебрца е една од помалите во земјата, најверојатно и најретко населените. Само 12 жители на еден квадратен километар. Луѓето се шеговити, ведри, живеат од пензии, од помoшта на своите во странство и од – славните спомени! Имено, тие се горди на настаните од Втората светска војна. Со планината Славеј е врзан зачетокот на АРМ, со Издеглавје – МПЦ, со Црвена Вода – државноста. Тука е формиран Иницијативниот одбор за свикување на АСНОМ.

– Шегите настрана, ние со право се сеќаваме на минатото, ама живееме за иднината – вели младиот градоначалник Игор Трајкоски. Ги прифаќа досетките за Неум и за неговата плажа, но реди други бројни проекти. Новото автопатско решение Охрид – Кичево, кое во најголем дел минува низ неговата општина, ќе го стимулира развојот. За почеток ќе ги урбанизираат повеќето од селските населби. Работат на урбанистичка планска документација за што се обезбедени 17 милиони денари од ИПАРД-програмата и уште три милиони денари сопствени буџетски средства. За една година ќе бидат урбанизирани селата Волино, Велмеј, Злести, Слатино, Горно и Долно Средорече, Климештани, Лактиње и Црвена вода.

Урбанизацијата им е неопходна од практични, секојдневни потреби, на пример за најобичен приклучок од ЕВН, но и од развојни. Пред сè, од аспект на руралниот туризам. Го имаат Слатинско Езеро, планираат сместувачки капацитети во функција на туризмот, но прво мора да имаат урбанистички план за да изградат објекти. Во општината има вкупно триесетина села, меѓу Охрид и Кичево, распослани во живописната планинска природа, богата со реки, извори, манастири, цркви и со споменици. Повеќето се иселени или со по некој жител, особено планинските, но во општината имаат планови за ревитализација. Го посочуваат примерот со историското село Црвена Вода каде, на 1.000 метри надморска височина, на државно земјиште, планираат модерна викенд-населба. До селото допира асфалтен пат, има водовод, електрично и телекомуникациско поврзување.

Во општината посебен акцент ставаат на мочуриштето кај селото Белчишта, кое поради тиркизната боја на водата е попознато како Сини Вирој. Оваа природна реткост, реликтен остаток од некогашното Десаретско Езеро, изобилува со флора и со фауна. Целта е да се активира оваа неоткриена дестинација за љубителите на недопрената природа, чистата средина, за авантуристите кои сакаат да искусат нови доживувања. Велат дека Сини Вирој е најголемото сочувано водно живеалиште во земјава, кое изобилува со ендемични видови растителен и животински свет, карстни извори и поплавени евлови шуми. Засега оваа недопрена природа е непристапна, но затоа ќе се градат патеки и друга излетничка инфраструктура со која Сини Вирој ќе стане магнет за љубителите на природата.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Поради предизборни митинзи, утре и во недела изменет режим на сообраќај во Скопје

Поради одржување на митинзи од изборната кампања за претседателските избори, овој викенд ќе биде воведен изменет режим на сообраќај во Скопје, информираше попладнево Министерството за внатрешни работи (МВР). Поради партиски...