Пенс – Заев: Силна поддршка за историскиот Договор со Грција и за референдумот


       
Вашингтон, 21 септември, 2018 - 9:55 (META) 

Премиерот Зоран Заев во Вашингтон се сретна со потпретседателот на САД, Мајкл Пенс.

Заев, придружуван од вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи и министерот за надворешни работи Никола Димитров, на средба со Пенс и со членовите на неговата делегација, разговарале за актуелни политички прашања од интерес на граѓаните на двете земји.

„Потпретседателот Мајкл Пенс му ги честита на премиерот Зоран Заев историскиот Договор од Преспа со Грција за решавање на долготрајното прашање за името меѓу двете земји и му се заблагодари за неговото водство во обезбедувањето на договорот. Потпретседателот изрази силна поддршка за Преспанскиот договор, кој, откако ќе се спроведе, ќе доведе до поголема безбедност и просперитет за целиот регион. Потпретседателот и премиерот разговараа за следните чекори во спроведувањето на договорот, вклучувајќи го и претстојниот референдум за 30 септември и важноста сите граѓани да гласаат во овој критичен момент за иднината на земјата. Потпретседателот изрази силна поддршка за членство на земјата во НАТО и во ЕУ“, пишува во соопштението од кабинетот на Пенс.

На средбата со потпретседателот Пенс, премиерот Заев нагласи дека нашите граѓани знаат дека евро-атлантската иднина, освен консолидација на политичките реформи, ќе донесе и економски раст, кој сакаме да го делиме и заеднички да го остваруваме и со сите наши соседи.

Потпретседателот Пенс на средбата пренесе пораки и од претседателот на САД, Трамп за поддршката на Вашингтон за покажаната храброст и лидерство за спроведување на неопходните реформи во земјата и за постигнатиот договор со Грција што го отворија патот за членството на Македонија во НАТО и ЕУ.

Заев и Пенс разговарале за можноста заеднички да биде прославен приемот на нашата земја во НАТО наредната година, кој станува реалност со спогодбата со Грција.