!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Патот „Арбери” има за цел да создаде економски коридор со Македонија, вели Рама


       
Пешкопеа, 12 ноември, 2017 - 17:37 (META) 

Албанскиот премиер Еди Рама денеска во Пешкопеа соопшти дека на заедничката седница меѓу владите на Албанија и на Македонија што ќе се одржи во Поградец ќе побара од македонската Влада да го продолжи патот „Арбери“ и на нејзина територија.

Рама соопшти дека изградбата на патот „Aрбери“ во должина од 72 километра ќе почне следната година, ќе трае 44 месеци и ќе чини 33,6 милијарди. Тој додаде дека со овој пат за околу 100 километри ќе го скрати растојанието од Тирана до Дебар.

– На состанокот со македонскиот премиер во октомври, беше договорено да се одржи заедничка владина седница во Поградец на која ќе одлучиме дека е неопходно и македонската страна да го заврши патот „Арбери“ од другата страна. Ќе го приближиме Дебар со Тирана. Тоа е многу пократок пат кој ќе реши голем проблем, рече Рама.

Според албанскиот премиер, „Арбери“ не поврзува само една област со друга, туку е стратешки за развој на економијата, вработувањето и туризмот.

– Патот „Арбери” има за цел да создаде економски коридор со Македонија, преку Дебар и да го направи пристаништето во Драч подостапно, истакна Рама.