!На 1 февруари 2017 година, заврши промотивниот период на слободно користење на содржините на „Мета“. Во периодот што претстои го воведуваме новиот систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително

Партиите во албанскиот парламент тактизираат со изборот на шеф на државата


       
Тирана, 20 април, 2017 - 20:00 (META) 

Парламентот на Албанија денеска го одржа вториот круг од гласањето за избор на нов претседател на државата. Сепак, гласање воопшто немаше, бидејќи сè уште нема предложени кандидати за шеф на државата, јавува дописникот на „Мета“ од Тирана.

Лидерите на парламентарното мнозинство, премиерот на Албанија, Еди Рама, и претседателот на албанскиот парламент, Илир Мета, изјавија дека досега не предложиле кандидати бидејќи не сакаат претседателот на државата да биде избран без консензус со опозицијата.

Лидерот на партијата Либра, Бен Блуши, досегашните два круга ги оцени како смешни и ги предупреди партиите дека и третиот круг, кој треба да се одржи следниот четврток, ќе пропадне. Тој додаде дека со исцрпувањето на петте предвидени круга на гласање за избор на претседател на државата, намерата на големите партии е да ги одложат парламентарните избори, закажани за 18 јуни.

Пратеничката на Либра, Мимоза Хафизи, исто така го критикуваше мнозинството во парламентот во врска со ова прашање, додавајќи дека нејзината партија повеќепати предлагала шефот на државата да се избира од граѓаните на непосредни избори, но нивните барања никогаш не биле ставени на дневен ред.

Според албанскиот устав, претседател на државата се избира со тајно гласање и без дебата во парламентатот. За избор на шеф на држвата предвидени се вкупно пет круга на гласање, а за да биде избран победничкиот кандидат, треба да добие најмалку три петтини од гласовите во парламентот, кој брои 140 пратеници. Со измените на уставот на земјата од 2008 година, во четвртиот и во петтиот круг претседателот може да биде избран и со мнозинство од 71 глас.