fbpx

Партиите и сега ги мерат рејтинзите, но ги чуваат за пред избори

-

Политичките партии редовно прават анкети и го мерат пулсот на јавноста, но резултатите ги држат во тајност и ги користат за внатрешна употреба, а не за информирање на јавноста.

Анкетите не се објавуваат и поради тоа што во овој период резултатите може да се многу променливи, или пак поради тоа што сегашните резултати едноставно не им одговараат на партиите.

Иако секогаш е добар период за анкети, освен летните месеци, комуниколозите велат дека идеален би бил периодот откако ќе завршат преговорите меѓу политичките партии, но и непосредно пред избори.

Никола Спасов од агенцијата за истражување на јавното мислење „Рејтинг“ вели дека анкетите што се објавуваат во јавноста не се оние што се нарачани од партиите туку од други организации.

– Сите политички партии постојано спроведуваат анкети, но ги користат за внатрепартиски потреби. Анкетите што се објавуваат во јавноста се оние што се прават по нарачка на други организации и на медиуми, а не на партиите. Овој период нема објавени истражувања затоа што нема нарачка од некој медиум или организација. Периодот за анкети е секогаш добар, но нема кој да ги нарача – вели Спасов.

Аналитичарот Петар Арсовски вели дека причината што нема објавени анкети е затоа што политичките случувања имаат забрзан тек, па резултатите од истражувањата можат да бидат погрешни.

– Сигурен сум дека политичките партии редовно прават анкети, но не ги објавуваат затоа што полтичката ситуација е многу менлива и случувањата имаат брз тек, па резултатите што се добиваат не се меродавни и се подложни на брзи промени. Партиите прават анкети и за да видат кои решенија се најпопуларни меѓу народот, па ги употребуваат во преговорите што ги водат со другите политички партии – вели Арсовски.

Владимир Божиновски од Институтот за политички истражувања (ИПИС) вели дека периодов не прават политички анкети и очекува партиите да се активираат во истражување на јавното мислење откако ќе завршат преговорите.

– Периодов во нашата агенција има многу работа, редовно се прават анкети, но не политички. Најверојатно, партиите подоцна ќе се активираат, откако ќе завршат преговорите за да видат дали преговорите имале некакво влијание врз јавноста пред избори. Поинтересен период за анкети е кога ќе завршат преговорите за да се испита пулсот на јавноста за сите случувања од февруари досега. Нашата агенција, откако ќе завршат преговорите, ќе направи една анкета со која ќе го провери мислењето на јавноста за целата политичка ситуација, но и рејтингот на партиите – вели Божиновски.

Последната објавена анкета со која беше измерен рејтингот на партиите е теренската анкета на американскиот Меѓународен републикански институт (ИРИ) со седиште во Вашингтон, спроведена од 6 до 15 јуни, врз репрезентативен примерок од 1.105 испитаници.

Анкетата покажа дека ВМРО-ДПМНЕ има двојна предност пред СДСМ, односно за ВМРО-ДПМНЕ би гласале 23 отсто од граѓаните, наспроти СДСМ, за кој се одлучиле 11 отсто од анкетираните. За ДУИ се изјасниле 7 проценти, а за ДПА – 3 отсто од испитаниците.

Според истражувањето, во премиерот Никола Груевски тогаш верувале 18 проценти од испитаниците, а во Заев – 7 отсто. Али Ахмети беше веднаш зад него со 6 отсто доверба, а во Менудх Тачи верувале 2 отсто.

Последната анкета нарачана од медиум беше анкетата на Институтот за демократија „Социетас цивилис“ (ИДСЦС) и на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), во соработка со телевизија „Телма“, за аферата „Прислушување“. Истражувањето беше спроведено во периодот од 19 февруари до 2 март 2015 година, а објавено на 6 март.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Почина Велибор Џаровски – Џаро

По кусо боледување, денеска на 75 години почина Велибор Џаровски-Џаро, еден од најпознатите менаџери на просторите на бивша Југославија. Здравко Чолиќ, Мишо Ковач, Маја Оџаклиевска, Оливер Драгојевиќ, „Бијело дугме“, Тереза...