!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Парите од НЛБ отишле во Србија, тројца му помагале на Бобан С. во грабежот


       
Скопје, 19 април, 2017 - 15:24 (META) 

Единицата за економски и за компјутерски криминал на МВР до надлежното Основно јавно обвинителство поднела кривична пријава против уште три лица осомничени дека биле вмешани и му помагале на Бобан С. во грабежот на 3 милиони евра од трезорот на НЛБ, соопшти денеска МВР.

Како што информираат оттаму, станува збор за братот на Бобан С., 44-годишниот Г.С., потоа 24-годишната Е.П., вработена како банкарски комерцијалист во НЛБ, и за 38-годишниот Б.М., пријател на првоосомничениот.

Според полицијата, за нив постојат основани сомнежи дека директно му помогнале на Бобан С. во грабежот на банката.

Осомничената Е.П., како што информираат од полицијата, помогнала во прикривањето на кусокот од 100.000 швајцарски франци, односно првиот затаен износ од авионската пратка од вкупно 1.000.000 швајцарски франци што го украл Бобан С. Потоа, по негово упатство, додека двајцата биле на смена, тој во трезорот, таа на шалтер во банката, примила пари од трезорот во апоени од 500 и од 100 евра, вкупно 375.000 евра, и без да подготви документ за исплаќање на парите од трезорот, му ги дала на рака на Бобан С., кој ги изнел од банката.

На 10 април, кога осомничениот трезорист ја изнел најголмата сума од 2.000.000 швајцарски франци и 270.000 евра од девизниот трезор, сокриени во украсна ќеса, според полицијата, тој парите му ги предал на својот брат, кој, пак, му ги дал на Б.М., кој наредниот ден по 14 часот, преку граничниот премин Табановце со возило „фолксваген голф“ ја напуштил земјава.

Од МВР наведуваат дека вчера тој бил уапсен и бил изведен пред судија на претходна постапка, но не посочуваат каде е извршено апсењето.

„Од страна на СВР Скопје – Единица за економски и за компјутерски криминал, во координација со Основното јавно обвинителство во Скопје, и понатаму се преземаат мерки за целосно расветлување на кривично-правниот настан, за утврдување на кој начин Б.С. изнел од банката дополнително и уште 300.000 швајцарски франци“, стои во соопштението на МВР.

Сепак, и понатаму останува мистеријата што се случило со украдените пари, кои сè уште не се пронајдени.