fbpx

Папата испрати порака за солидарност со бегалците

-

Силна порака за солидарност со бегалците и за ставање крај на војните испрати папата Франциск денеска од грчкиот остров Лезбос. Папата во придружба на вселенскиот патријарх Вартоломеј и на грчкиот архиепископ Иеронимос, ги посети мигрантскиот центар Морија, во кој се наоѓаат повеќе од 4.000 бегалци, и пристаништето Митилена.

Посетата на кампот беше полна со емоции. Илјадници бегалци од Сирија, Авганистан, Ирак, млади и стари, семејства, но и малолетници кои патуваат сами, полни со надеж извикуваа „слобода“ и со солзи во очите ги замолија папата и верските лидери да им помогнат да се испрати порака да се отворат границите за да може да го продолжат својот пат кон Европа.

–  Дојдов за да бидам со вас и да ги слушнам вашите приказни. Дојдовме за да го свртиме вниманието на светот на оваа сериозна хуманитарна криза и да замолиме за нејзино решавање – истакна папата.

Тројцата верски лидери при посетата на мигрантскиот центар Морија накратко имаа ручек со три семејства бегалци за уште подобро да ја слушнат нивната приказна, искуствата од државите од кои доаѓаат и каков е нивниот третман во бегалските центри.

Верските лидери се обратија до бегалците испраќајќи порака дека стојат солидарно со нив, осудувајќи ги политиките кои водат до војна. При посетата беше потпишана и заедничка декларација за солидарност со бегалците, но и со грчкиот народ, во која тројцата верски лидери истакнаа дека ова е најголемата хуманитарна криза од Втората светска војна наваму и побараа од сите влади да помогнат и да понудат привремен азил и засолниште на сите на кои им е потребен.

– Би сакал од срце да упатам апел за одговорност и за солидарност пред една толку драматична ситуација. Многу бегалци кои се на овој остров и на голем број други места низ Грција живеат во критични услови, во клима на страв и на неизвесност, чувствувајќи очај поради неизвесноста за иднината. Загриженоста на властите тука во Грција и другите европски држави се разбирливи и легални, но и покрај ова не треба да заборавиме дека бегалците и мигрантите пред да станат бројки се луѓе, лица, имиња, приказни. Европа е татковината на човековите права. И секој кој стапнува на европска територија треба да може да ужива во нив – истакна папата, апелирајќи да се најде решение за војните и да се стави крај на неконтролираното производство на оружје во светот.

На крајот на посетата папата и двајцата верски лидери имаа зедничка молитва и фрлија венци за сите што ги загубија животите во патот кон Европа.

Папата си замина од Лезбос со десет бегаци, осум од Сирија и двајца од Авганистан, чекор кој е силна порака до европските лидери за похумано справување со бегалската криза.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Шорткат“: Апликацијата ДИА како асистент на лицата со дијабетес

Во вечерашното издание на емисијата „Шорткат“ ги имаме Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ - млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес. Инспирирани од...