!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Папа Франциск: Уште е рано да го оценам Трамп, прво да видам како работи


       
Рим, 22 јануари, 2017 - 11:31 (META) 

Папата Франциск вели дека првин ќе почека да види како работи новиот претседател на САД, Доналд Трамп, пред да каже што мисли за него, јавуваат светските агенции.

Поглаварот на Римокатоличката црква во интервју за неделното издание на шпанскиот весник „Паис“, рекол дека не сака прерано да суди за луѓето.

„Мораме да почекаме. Ќе видиме како ќе се однесува, што ќе преземе и дури тогаш ќе стекнам мислење за него. Но, човек да се плаши или да се радува за нешто што допрва би можело да се случи, не е мудро“, вели папата Франциск.

Прашан како ја коментира појавата на популистички лидери во САД и во Европа, папата рекол дека во кризни времиња луѓето бараат спасители кои ќе го вратат индентитетот и се бранат со подигнување ѕидови и бодливи жици кон другите луѓе.

Според него, и Адолф Хитлер во 1930-тите години бил избран од страна на луѓе кои барале спасител во време на економска и на политичка криза, а подоцна тој ги уништил.

„Кризите предизвикуваат страв, а мислам дека најочигледниот пример за тоа е популизмот во Германија во 1933 година. Луѓето кои беа во криза бараа идентитет, сè додека не се појави харизматичен лидер (Адолф Хитлер, н.з.) и им вети дека ќе им го врати идентитетот. Сите знаеме што се случи потоа“, вели папата Франциск.