fbpx

Пановски: „СЈО за урбанизам“ за криминалите во градењето, упадот во зеленилото и системот

-

За тоа како се случи Скопје да остане без зеленило, како „Скопје 2014“ го загади воздухот во Скопје, за висококатниците кај „Холидеј Ин“ и за тоа каде е излезот од урбанистичкиот ќорсокак во кој се загубија човечките димензии на главниот град на државата, „Мета“ разговараше со Мартин Пановски, претседател на Асоцијацијата на архитекти на Македонија (ААМ). Скопје како град по мерка на своите жители, според Пановски, е можен доколку се воспостави и завладее принципот на понесување одговорност за грешките во урбанистиската сфера, за катастрофално лошите планови, за зеленилото кое постои на хартија, а го нема во реалноста, но и доколку одговорноста за урбанистичкиот развој се врати под надлежност на Градот.

Урбанистите, со помош на политичарите им го предадоа Скопје на бизнисмените. Тоа народот го нарекува „градежна мафија“. До каде ќе оди трендот на уништување на зеленилото за сметка на градењето згради?

– Урбаната мафија се пар поединци со име и презиме и може да се лоцира одговорноста, доколку се сака, а не вината за криминал да се префрла врз сите урбанисти. Мора да се разграничи што е тоа „празна локација“. На плацот кај „Холидеј Ин“, на пример, отсекогаш била предвидена градба. Во кој било голем град во светот, да имате толкаво земјиште во најстрогиот центар на градот зафатено со паркинг е сулуда работа. Јас не сум против изградба на висококатници на таа локација, доколку се испочитува законската обврска за процентуална застапеност на зеленилото во проектот. Треба да се прави разлика помеѓу, да речеме центарот и Аеродром, каде претходната влада на местото на зелени површини вметна објекти – и да, тоа е лошо! Со „Скопје 2014“ беа вметнати објекти не само на зелени површини, туку и во река. Но тргнувајќи од овие претходниве, ние сега одиме во друга крајност и велиме – ништо не треба да се гради.

Сегашната градежна експанзија во Скопје се оправдува со тоа дека со Генералниот урбанистички план биле предвидени големи градби, згради наместо зеленило… Каде е тука човечката димензија на урбаното живеење?

– Урбанизмот кажува што може да се гради, не кажува што ќе се гради, така што не е проблемот во Генералниот урбанистички план (ГУП), туку во Деталните урбанистички планови (ДУП), донесени од претходните власти, поради кои сега и постои мораториумот на градење во општина Центар. Во моментов во таа општина не постои план, што е страшно. Ние имавме работа со мафијашка влада, но криминалите во урбанизмот треба да ги истражува некакво СЈО за урбанизам, а не да се блокира градежната дејност во целата општина, по принципот „не правиме ништо, за да не згрешиме нешто“.

Во ред е да се штитат интересите на градежниот сектор, но каде во плановите се штити правото на граѓаните на чист воздух?

– Планерите предвидуваат дека треба да има зеленило, одговорноста е кај приватните инвеститори и кај општинарите, кои ги гледаат и ги одобруваат проектите дури и кога гледаат дека нема зеленило, или, што е уште почест случај – го има во проектот, но го нема на лице место, а сепак добил дозвола! Не му е проблем на Скопје планирањето за да биде зелен град, туку што од проектираното е реализирано на терен. Со „Скопје 2014“ не е проблемот што се изгради барок, проблемот е што се урна системот.

Колку „Скопје 2014“ придонесе Скопје да престане да се развива како град по европски стандарди и по мерка на граѓаните?

– „Скопје 2014“, првин направи упад во постоечкото градско зеленило. Ако ја споредите сегашната состојба со онаа од 2000 година, ќе видите дека во центарот на градот има најголемо уништување на зеленилото. Таму, во планот, зеленилото е сменето во градежно земјиште. Но, она што „Скопје 2014“ го направи на планот на аерозагадувањето е повеќе од очигледно – тоа е геслото на претходната власт: „Раскопај и огради, за народот да гледа дека нешто работиш“ и тоа така седи со години… Прашина, камиони кои валкаат, немање култура на градење, тоа е загадувањето, тоа е работа за инспекторите.

А што е да речеме, со Аеродром, каде на местото на мали згради опкружени со многу зеленило сега има само маса на бетонски ѕидови, без зеленило?

– Па, токму „Скопје 2014“ го овозможи тоа, кога државата направи упад во планирањето, бидејќи сакаа да прават објекти во Вардар. Сакаа, а не можеа, да го срушат објектот на Операта, кој е врвно архитектонско дело, и како таков им бодеше очи, не можеа да му сменат фасада, па затоа сега имате објекти околу него. „Скопје 2014“ ја отвори Пандорината кутија и го воспостави принципот дека „сè може“ и сè’ ќе биде легално откако ќе ги смениме законите. Речиси сите објекти на „Скопје 2014“ се дивоградби, поготово спомениците. Ако решите да се справите со тој криминал, парите ќе треба да ги вратат сите, дури изведувачите… Голема е работата, но не гледам дека оваа Влада има сила со тој криминал да расчисти. Доколку не се расчисти, приказната ќе оди понатаму.

Но и погрешните урбанистички решенија придонесле за хаосот во градот…

– Проблемот е што ГУП-от се носи на 10 години, но нема механизам како воочените грешки да се исправат, бидејќи 10 години се многу време и во 21-от век работите многу бргу се менуваат, па може да се случи, на пример, да се намени некое парче земја за некоја индустрија која за тој период ќе исчезне и немате што да правите со него, нема развој, што за еден град е погубно.

Или пак предвидува постоење на индустрија која загадува, како на пример Железарница во Гази Баба…

– Железарница мора под итно да се дислоцира. Проблемот е што ГУП-от е закон во кој не може да се интервенира додека е на сила, како што реков, а тој предвидува на таа локација да има загадувачка индустрија…

Дали трамвајот, кој го најавува Шилегов може да биде решение за загадувањето од сообраќајот?

– Апсолутно да. Исто така ќе помогне и ослободувањето на првата лента исклучиво за јавниот сообраќај, нешто што функционира во Софија, Тирана, Белград, но таму немате кафуле на Партизанска пред кое можат да се паркираат автомобили и да не загубат дозвола поради тоа.

Дали има решенија кои би помогнале Скопје да се развива како град по мерка на своите жители?

– Пред сè е принципот на одговорноста. Никој не изгуби лиценца и не поднесе одговорност за катастрофално лошите планови за Скопје 2014, имате архитекти кои почнале 2006 година и стекнале искуство во тој систем на работење а не си го знаат занаетот, инспекциите што не работат како што треба, референтите во општините, сите мораат да си ја понесат одговорноста. Второ е да се вратат ингеренциите за урбанизмот и транспортот во надлежност на  Градот и бидејќи сегашните поделени ингеренции со општините го блокираат нормалното функционирање на градот или имате преклопување на плановите, дуплирање на проекти што негативно влијае на развојот на Скопје.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Петровска го доби Ковачки на суд и се откажа од 10.000 евра што требаше тој да ѝ ги плати за клевета

Основниот граѓански суд - Скопје утврдил граѓанска одговорност за клевета врз министерката Славјанка Петровска од Драган Ковачки од ВМРО-ДПМНЕ. Петровска на својот профил на Фејсбук ја објави пресудата. „Како што...