This page was exported from Meta.mk [ http://meta.mk ]
Export date: Tue Nov 20 0:22:27 2018 / +0000 GMT

Паниката ги проретчи училиштата, МОН чека инструкции од кризниот комитет




Официјален став од Министерство за образование за затворање на училиштата нема, но и покрај тоа, голем дел од родителите самоиницијативно одлучуваат да не ги носат децата на училиште и во градинка.

Според информациите на „Мета“ од терен, во некои од одделенијата во училиштата во повеќе скопски општини на настава се присутни половина или една третина од децата.

Од Министерството за образование велат дека тие не можат да донесат одлука за затворање на училиштата, ниту да влијаат врз индивидуалната одлука на родителите, туку чекаат инструкции од Управувачкиот комитет за справување со кризи, како централно тело за справување со кризи.

Управувачкиот комитет за справување со кризи вчера попладне одржа нов состанок во врска со серијата земјотреси, а по негова препорака Институтот за земјотресно инженерство и сезмологија Скопје (ИЗИИС) ги посети училиштата и градинките во Скопско.

Во некои училишта, дел од просториите се забранети за користење.

Некои од општините веќе презеле одредени мерки, па така градоначалникот на општината Ѓорче Петров, Сокол Митровски, свикал состанок со директорите на деветолетките. Тие го известиле дека презеле соодветни мерки предвидени за вонредни ситуации.

- Во училиштата беа поставени знаци (насоки) за движење при евакуација на децата и на персоналот. Испратени се пишани известувања во секоја училница за однесување на децата и на наставниците за време на земјотрес и одржани се две показни вежби на кои учество зедоа сите ученици и наставници од училиштата. Освен во ООУ „Димитар Поп-Георгиев Беровски“, каде што има одредени оштетувања на вториот кат од училиштето изградено во 50-тите години од миниот век и каде што наскоро ќе се преземат мерки за санирање на штетите, во другите училишта нема никакви оштетувања што можат да го загрозат непреченото одржување на редовната настава. Истата ситуација е и со објектите на градинките - информираат од Општина Ѓорче Петров.
Post date: 2016-09-13 11:11:12
Post date GMT: 2016-09-13 09:11:12
Post modified date: 2016-09-13 11:19:02
Post modified date GMT: 2016-09-13 09:19:02
Powered by [ Universal Post Manager ] plugin. HTML saving format developed by gVectors Team www.gVectors.com