!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Панчевски: Со претресот на СЈО настапи целосен мрак за правдата во Македонија


       
Скопје, 9 октомври, 2017 - 16:25 (META) 

Судијата Владимир Панчевски денеска обвини дека во четвртокот минатата недела настапил „целосен мрак за правдата во Македонија“ со, како што вели, „незаконитиот и брутален претрес“ што врз него го извршиле Специјалното јавно обвинителство и истражители на Министерството за внатрешни работи.

Панчевски, во интервју за „Алсат-М“, тврди дека не бил извршен претрес во простории во Кривичниот суд во Скопје, туку станувало збор за личен претрес врз него. Тој ја оспорува и наредбата за претрес, издадена од гевгелискиот суд, и вели дека стварната надлежност за постапување против него ја има Основниот суд Скопје 1, а доколку имало потреба од „конспиративност“, постапката во ваков случај ја одредува Апелацискиот суд Скопје.

– Од канцеларијата на в.д. претседателот на судот, бев спроведен во канцеларијата каде ја извршувам судската функција, без да ми се објасни зошто ми е ограничена слободата и сум спроведен на друго место да ми се врши претрес. Насилно ми одзедоа мобилни телефони. Женско лице, инспектор, односно припадник на истражителите на МВР, ми ги одзеде (телефоните) од џебовите на панталоните иако според сите стандарди, меѓународни, домашни и секакви, женско лице не врши претрес на машко лице, додека двајца инспектори ми ги држеа раширени рацете – вели Панчевски, кој во интервјуто за себе зборува во трето лице.

Тој тврди дека за време на претресот во судот имало вооружени лица и полицајци насекаде.

– Незаконитата процедура на крај заврши со кражба на клуч, што се гледа од снимката од видеонадзорот што го доставив до медиумите. Снимката е таа, може да ме распнат, да ме судат и да ме осудат. Панчевски е со чиста совест за сè досега, како претседател на Основниот суд Скопје 1 и како судија во тој суд. Сум постапувал секогаш чесно, во согласност со закон и никако поинаку – вели судијата.

Прашан дали ги предупредил обвинителите на СЈО дека има видеонадзор и околу законитоста на снимањето, Панчевски вели дека тој не бил должен да предупредува за тоа дали има видеонадзор и дека тој бил поставен поради здравствената состојба на неговата мајка, која починала пред 20 дена.

– Го прегледав видеонадзорот бидејќи кога требаше да го заклучам станот, по завршувањето на претресот, го немаше клучот. Знаејќи го начинот на работење на СЈО како судија во Основниот суд Скопје 1 и сите незаконитости за кои сум кажувал претходно во мои изјави, што писмени што усни до медиумите и до јавноста, се посомневав дека можеби некој го зел. Од кои причини го зеле клучот не знам. Генерално, морам да кажам дека се плашам за личниот живот повеќе, со овој мрак на правдата. Не е битно дали ќе водат постапки за Панчевски, Панчевски е веќе осуден и лежи казна затвор во нечија глава. Тие ќе ги реализираат своите намери и слободно можат да ги реализираат, јас сум со чиста совест и не се плашам – вели Панчевски.

Тој тврди дека никогаш не местел предмети, а шпекулациите за постоење на двоен АКМИС, преку кој тој ги следел предметите од дома, ги оценува како „параноидни халуцинации за некакво сценарио во нечија глава“.