!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Пад на прометот на солунското пристаниште


       
Атина, 27 септември, 2016 - 10:00 (META) 

Прометот на солунското пристаниште опаднал за 20,4 отсто во првите шест месеци од годинава во споредба со истиот период лани. Пристаништето во првите шест месеци годинава има промет од 21,1 милиони евра, во споредба со 26,6 милиони во првите шест месеци од 2015 година.

Причината за намалената заработка и опсег на работа се проценува дека се двомесечната блокада на железничката линија од бегалските протести кај Идомени, но и двомесечните штрајкови на вработените во пристаништето кои реагираа против приватизацијата на компанијата. Ваквите проблеми доведоа на двапати до голем застој во работата на пристаништето, со што не можеше да се товараат и да се истовараат контејнери и да се пренесат до европските држави и до крајната дестинација, поради што голем број од клиентите на солунското пристаниште беа принудни на транспорт преку железничката линија Солун – Софија и на користење на пристаништата во Албанија и во Бугарија.

Штрајковите предизвикаа големи проблеми и за македонските клиенти на пристаништето, кои мораа да чекаат со денови за преземање или испраќање на контејнерите со стоки.

Извршниот директор на компанијата Димитрис Макрис, во изјава за грчката информативна агенција АПЕ истакнал дека од вкупно 180 денови во првото шестмесечје, 32 дена вработените постојано штрајкувале, а уште четири недели ја стопирале привремено работата со неколкудневни штрајкови и протести, додека, пак, бегалците цели 67 дена ја блокираа работата на железничката пруга. Макрис, сепак, е оптимист дека во следниот период  ќе има пораст на работата, а со тоа и подобрување на прометот и на добивките за пристаништето кое поради географската положба важи за едно од најповолните во ЕУ.