Премиерот Зоран Заев, кој воедно е и покровител, ја отвори изложбата „100 години Требениште“ поставена во Националниот археолошки музеј на Република Северна Македонија.

Изложбата се остварува како резултат на соработка со Народниот музеј во Белград и Националниот археолошки институт и музеј при бугарската академија на науки во Софија.

„Оваа изложба е од огромно значење заради исклучителните артефакти презентирани на неа, но и заради на раководителите и кустосите на трите институции од Северна Македонија, Бугарија и Србија кои направија историски чекор кога се согласија дека најсоодветен начин да се прослави 100 годишнината од откривањето на првите артефакти од овој археолошки локалитет, е да се подготви заедничка изложба на која за првпат во историјата се претставуваат сите наоди од некрополата кај Требениште“, рече Заев.

Во своето обраќање, директорот на Националниот археолошки музеј на Република Северна Македонија, Горан Санев подвлече дека интересот за Требениште сигурно нема да заврши со изложбата, ниту пак напишаните научни трудови во каталогот кој ја следи истата не се последните зборови што археологијата ќе ги каже за овој локалитет.

„По цели 100 години од откривањето на првата златна маска, повторно се растлеа еланот за продолжување на истражувањата на некрополата Требениште, но овој пат не поединечно како во 1918 или во 1930-34, во 1953-54, или во 1972 година, туку заеднички, како генерација археолози од Македонија, Србија и Бугарија – наследници на истражувачите на Требениште од минатиот век“, рече Санев.

На отворањето на изложбата за нејзиното значење и за значењето на соработката за нејзината подготовка говореа и министерот за култура на Бугарија Боил Банов, помошникот на министерот за култура и информации на Србија, Асја Драча Мунтеан, како и директорката на Народниот музеј во Белград, Бојана Бориќ Брешковиќ и директорот на Националниот археолошки институт и музеј во Софија, Христо Попов.

Ексклузивната изложба „100 години Требениште“, по повод еден век од истражувањата на овој локалитет кај Охрид, во Археолошкиот музеј ќе трае до август.

Во рамките на изложбата се претставени златните маски од 6 век пр. н. е. најдени во некрополата кај охридско Требениште, а за оваа пригода се донесени и артефактите што ги поседуваат музеите од Србија и од Бугарија. Ќе бидат прикажани над 400 артефакти од бронза, сребро, злато, керамика, килибар и стакло. По претставувањето во Скопје, изложбата ќе гостува и во Софија и во Белград, а потоа и во Европа.

Автори на изложбата се Перо Арџанлиев од Скопје, Вера Крстиќ од Белград и Крсто Чукалев од Софија. Таа е придружена и со каталог со 408 страници со текстови од 26 автори – музејски работници од трите држави, како и од Чешка и од Германија.