fbpx

Отворен повик за 21 милиони евра за развој на туризмот преку инфраструктурни инвестиции

-

Владата во соработка со Европската унија и Светска банка денеска објавија втор повик за искористување на 21 милиони евра во рамките на Проектот за локална и регионална конкурентност.

18 милиони евра се обезбедени од ИПА-програмата на Европска комисија, а три милиони евра се од буџетот, повикот е администриран од Светска банка.

Преку овој проект ќе се овозможи општините, асоцијациите и приватните компании да аплицираат за средства со кои ќе се поддржат клучни инвестиции и во инфраструктурни и неинфраструктурни проектни активности, а кои ќе придонесат за поконкурентен и одржлив локален и национален туристички развој.

Вицепремиерот, Кочо Анѓушев рече дека најголем интерес очекува од општините, за да си ја подобрат инфраструктурата од која најголем интерес имаат сите граѓани.

„Се сретнав со речиси сите градоначалници на кои им укажав дека кога ќе излезе овој повик треба да излезат со готови проекти, а не сега да ги изготвуваат. Добар дел од нив, веќе ме информираа дека се подготвени. За општините кои немаат капацитети, има пари за техничка помош за да направат проекти“, рече Анѓушев.

Раководителот на секторот за соработка на Делегацијата на Европска унија, Никола Бертолини рече дека државата е преубава, но има многу ѓубре.

„Во еден преубав предел од државата се изгубив. Немаше патокази, но имаше многу ѓубре. Наидов на диви депонии. Но тоа треба да се спречи. Овие граѓани заслужуваат подобро опкружување. Очекувам следните 18 месеци општините да работат дење и ноќе за да се постигнат резултати и да имаат готови проекти за да аплицираат“, рече Бертолини.

Директорот на канцеларијата на Светска банка, Марко Мантованели рече дека туризмот е значајна гранка за развој на економијата и тој учествува со 10 проценти во светскиот БДП.

„Преку конкурентноста го гледаме развојот на туризмот. Земјата има голем потенцијал и заслужува туристички да биде препознаена во светот. Студијата на Светска банка објавена лани покажува дека ефектите од туризмот се поддршка на економскиот развој, вработувања, заштита на околината, вкрстување на културните вредности. Но, туризмот треба да биде одржлив за да ги даде потребните резултати. Како несакани последици може да биде лошата употреба на природните ресурси“, рече Мантованели.

Со овие финансиски средства предвидено е подобрување на квалитетот на услуги, јакнење на капацитетите за водење и вештини на лиценцирани туристички водичи, собирање на отпад и култура на управување со отпад, сигнализации и попатни информации на патиштата, попатна инфраструктура за посетители.

За општините се предвидени еден, односно три милиони евра грант доколку имаат регионален пристап, за малите и средни претпријатија, доколку има здружување предвидени се 300.000 евра.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Украинската одбрана соборила 84 руски воздушни цели

Ноќеска Русија изврши уште еден масовен воздушен напад врз украински објекти за гориво и енергија, соопшти украинската одбрана. Непријателот ја нападнал Украина со 60 беспилотни летала Шахед и 39 проектили...