!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Осум компании со грчки капитал се дел од листата на 200 најголеми фирми во Македонија


       
Скопје, 30 ноември, 2017 - 10:14 (META) 

Осум компании со грчки или мешовит удел се дел од листата на 200 најголеми бизниси во Македонија во 2016 година, објави финансискиот магазин „Капитал“, а пренесе грчката новинска агенција АНА-МПА.

На трето место на листата, како и претходната година, се наоѓа ОКТА, односно групацијата „Хеленик петролеум“, која најдолго време е најголем снабдувач на горива во Македонија со промет од 311 милиони евра, односно 5,6 отсто помалку од минатата година. „Усје – Титан“ со промет од 72,4 милиони евра, односно 0,2 отсто помалку од минатата година, е на 22. место, а на 24. место е „Верополус“ со промет од 70,7 милиони евра, што е за 0,5 отсто повеќе од претходната година.

Помеѓу 200 најголеми компании во Македонија се наоѓаат и „Пивара Скопје“, „Актор“, „Жито лукс“ и „Мермерен комбинат“.

Севкупно, прометот на грчките претпријатија е 7 отсто од прометот на 200 најголеми македонски компании.

Во однос на профитот „Усје – Титан“ се наоѓа на 6. место со остварен профит од 19,5 милиони евра, по што следуваат „Пивара Скопје“, која се наоѓа на 10. место со профит од 12,4 милиони евра, и „Веропулос“ на 14. место со профит од 8,9 милиони евра.

Значителен пораст на профитот е забележан кај ОКТА, од 408 отсто, и кај „Актор“ од 286,4 отсто.

Најголема фирма во Македонија според остварените приходи и годинава е „Џонсон Мети“ со вкупни приходи од 1,34 милијарди евра, која лани имала пораст на приходите од 11,9 отсто. „Џонсон Мети“ истовремено е и најпрофитабилна фирма во земјава, чиј профит ја надмина границата од 100 милиони евра.

Според прелиминарните податоци на Државниот завод за статистика, во периодот јануари-септември 2017 година, според вкупниот обем на надворешно-трговска размена, најзначајни трговски партнери на Македонија се Германија, Велика Британија, Грција, Србија и Бугарија.